Во просториите на ЕВН Македонија вчера се одржа работна посета на австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, г-ѓа Клаудија Плаколм.
Во делегацијата присуствуваа и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, г-ѓа Сања Божиновска, како и Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во земјава, со претставници од амбасадата.
За време на посетата, гостите имаа можност да се запознаат со достигнувањата на ЕВН Македонија во изминатите години, со посебен акцент на инвестициите, развојот и современите дигитални решенија. Во рамки на турата низ компанијата, посебен интерес предизвика посетата на диспечерскиот центар – централната точка за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер, во својот поздравен говор истакна дека законите и регулативите што се креираат во новоформираното Министерство за енергетика се навистина напредни и во целост усогласени со Европскиот пазар, што ја позиционира Македонија на Европската енергетска мапа и покрај тоа што не е членка на ЕУ.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, нагласи дека ЕВН Македонија може да послужи како пример за тоа како една странска компанија треба да соработува со државните институции, инвестирајќи не само во својата дејност, туку и во општеството.
Австриската министерка за Европа, интеграција и семејство, г-ѓа Клаудија Плаколм, изрази задоволство од посетата и истакна дека е позитивно изненадена од синергијата меѓу приватниот и јавниот сектор, како и од начинот на кој институциите во земјата создаваат услови за поддршка и просперитет на компаниите, посочувајќи ја соработката меѓу Министерството за енергетика и ЕВН како позитивен пример.
Во рамки на посетата беше истакната и долгогодишната соработка меѓу Австрија и Северна Македонија во областа на енергетиката, која претставува пример за успешна размена на знаење, искуства и добри практики. ЕВН Македонија, како дел од австриската EVN групација, останува посветена на инвестирање во модернизација, дигитализација и одржлив развој, со јасна цел – сигурна, ефикасна и зелена енергетска иднина за сите корисници.