Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија спроведе дводневен скрининг на жителите на Трубарево, со цел навремено откривање на евентуални заболувања на дишните патишта по големиот пожар во складиштето за електроника.
„Само во текот на вчерашниот ден биле прегледани над 100 лица на двата пункта во населбата, од кои осуммина се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контрола“, рече министерот Азир Алиу.
Скринингот опфати клинички преглед, мерење на пулс и сатурација, како и проценка на виталниот капацитет на пациентите.
„Овој скрининг имаше голем одѕив со над двесте прегледани пациенти во два дена и беше навистина добро прифатен од локалното население. Во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции,“ изјави министерот.
Од тимовите на Клиниката за пулмологија информираат дека упатените пациенти имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите. Дополнително, биле детектирани и лица со висок крвен притисок, кои биле советувани да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.
На првиот ден од скринингот, 11 лица беа упатени на Клиника./Извор:Makfax