Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наскоро ќе добие детални информации за руското нарушување на воздушниот простор на Естонија и нагласи дека „не му се допаѓа“ таквата ситуација.
– Не ми се допаѓа. Не ми се допаѓа кога тоа се случува. Може да биде голем проблем – им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Инцидентот се случи во петокот, кога естонската влада ја обвини Русија за нарушување на нејзиниот воздушен простор, што ја поттикна Естонија да побара консултации во рамките на НАТО согласно член 4 од Вашингтонскиот договор.
НАТО објави дека ќе одржи итен состанок на почетокот на следната недела за да ја разгледа ситуацијата./Извор:Makfax