Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани (81), е повреден во сообраќајна несреќа во американската држава Њу Хемпшир, јавува Би-би-си.
Според извештајот на локалната полиција, Џулијани бил на совозачкото седиште во Форд Бронко кога нивното возило било удрено од друго возило во американскиот град Манчестер.
Неговиот телохранител Мајкл Рагуса даде изјава во која детално ја опишува сериозноста на неговите повреди: „Му беше дијагностицирана фрактура на торакален пршлен, повеќекратни посекотини и контузии, како и повреди на левата рака и долниот дел од ногата“, рече тој.
Полицијата потврди дека сите вклучени во несреќата биле однесени во болница со повреди кои не биле опасни по живот. Рагуса додаде дека несреќата се случила кратко откако Џулијани ѝ помогнал на жртва на семејно насилство која го запрела на патот.
„Градоначалникот Џулијани веднаш пружил помош и се јавил на 911“, се вели во соопштението.
Полицијата во Њу Хемпшир потврди дека нивните полицајци истражувале извештај за семејно насилство кога биле сведоци на судир на спротивната страна од патот. „Како резултат на судирот, двете возила слетале на зелениот појас и биле сериозно оштетени“, соопшти полицијата. Истражителите го идентификувале возачот кој е виновен, но не се поднесени обвиненија и истрагата е во тек.
Руди Џулијани го доби прекарот „Градоначалник на Америка“ откако го водеше Њујорк за време и по терористичките напади на 11 септември 2001 година. Подоцна стана советник, а потоа и личен адвокат на Доналд Трамп, но нивната врска оттогаш заврши./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...