26. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Трамп разреши членка на одборот на Федералните резерви

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека ја разрешил членката на одборот на Федералните резерви, Лиза Кук, од функцијата наведувајќи наводни неправилности поврзани со хипотекарните кредити.

Во писмо до Кук, кое го сподели на неговата мрежа „Тру соушал“, Трамп напиша дека има „доволно причини да се верува“ дека гувернерката дала лажни изјави. Во 2021 година Кук на документите за одделни хипотекарни кредити за имоти во Мичиген и Џорџија наведе дека и двете биле нејзини примарни резиденции.

Тој се повикува на закон од 1913 година. Според американскиот закон, претседателот може да ги разреши гувернерите на Федералните резерви само од основана причина, што ја зголемува можноста одлуката на Трамп да биде предмет на правни оспорувања. Трамп ги сигнализира своите намери неколку дена претходно велејќи им на новинарите: „Ќе ја отпуштам ако не поднесе оставка“.

Во писмото Трамп ја обвини Кук за „измамничко и криминално однесување во финансиски прашања“ и нагласи дека нема доверба во нејзиниот интегритет.

„Најмалку, спорното однесување покажува еден вид небрежност во финансиските трансакции, што ги доведува во прашање вашата компетентност и доверливоста како финансиски регулатор“, рече тој додавајќи дека имал овластување да ја отпушти Кук според Уставот на САД и Законот за Федералните резерви од 1913 година.

Кук одговори неколку часа подоцна во изјава испратена по е-пошта до новинарите велејќи дека Трамп нема законски основи и овластување да ја отстрани од работното место на кое беше назначена во 2022 година од поранешниот американски претседател Џо Бајден.

„Ќе продолжам да ги извршувам моите должности за да ѝ помогнам на американската економија“, објави таа. Таа потврди дека ќе ја оспори одлуката на Трамп.

Трамп со месеци врши притисок врз Федералните резерви да ги намалат каматните стапки, барање што централната банка не го исполни бидејќи креаторите на политиките остануваат загрижени за инфлацијата, делумно поттикната од увозните тарифи на Трамп.

Претходните повици на Трамп до претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, да поднесе оставка беа неуспешни.

Кук, економистка, се приклучи на одборот на гувернери на Федералните резерви во мај 2022 година. Нејзиниот мандат требаше да трае до 31 јануари 2038 година. Пред назначувањето таа беше професорка по економија и меѓународни односи на Државниот универзитет во Мичиген./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Русија сака да се повлече од конвенцијата за забрана на тортура

C +

Трамп најавува преименување на Пентагон: „Веројатно, за една недела“

C +

Стаб: Се надевам дека кај Трамп набргу ќе го снема трпението за Путин

C +