Винарската визба „Тиквеш“- најголемата и најнаградувана винарница од регионот во глобални рамки, која годинава прославува 140 години постоење, традиционално беше домаќин на најреномираните светски и домашни поети кои учествуваа на годинешното 64-то издание на Струшките вечери на поезијата (СВП). Посетата на поетите и лауреатот на СВП на „Тиквеш“ е пригоден настан кој се одржува секоја година во рамките на Струшките вечери на поезијата, како резултат на долгогодишното партнерството и поддршката на компанијата на оваа манифестација. Покрај традиционалното поетско читање, учесниците на СВП имаа прилика да уживаат и во вкусот на врвните вина на компанијата, кои беа инспирација за создавање оригинални стихови посветени на виното што поетите имаа прилика да ги напишат на етикетите од посебна едиција од вината „Луда Мара“ на „Тиквеш“.
„За нас во ‚Тиквеш’ е огромна чест што сме поддржувачи на еден од најзначајните културни настани во земјава. Виното и поезијата имаат заедничка нота – и двете се создаваат со љубов, инспирација и страст. Ние сме посебно горди што нашите вина се составен дел од Струшките вечери на поезијата. Веруваме дека културата и уметноста се темелите врз кои опстојува едно општество, а нашата поддршка е израз на долгогодишната посветеност кон вредностите кои нè поврзуваат“, велат од „Тиквеш“.
Педесетина поети, критичари и други литературни дејци од земјава и од странство, уживаа во звуците на поезијата и читањето на стиховите на поетското матине организирано во винарницата во Кавадарци. Особен интерес предизвика годинешниов лауреат на СВП, Иван Штрпка, истакнат словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач, кој наградата ја освои за неговото животно дело во поезијата, поради својата длабока и оригинална лирика, полна со сетилност, нежност и нијанси, како што академик Катица Ќулавкова ја оквалификува неговата поезија. Секако, беше задоволство да се слушнат и стиховите на домашните и поетите од регионот, како и на оние кои допатуваа од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска и други држави.
Гостите имаа прилика да се запознаат со долгата и богата винска историја на регионот, како и да ја разгледаат винарницата, каде што им беше доловена магијата на создавањето на врвните вина и технологијата на производниот процес на винските брендови на „Тиквеш“.
Она што му даде посебен печат на овој поетски ден, насловен како „Поезија на пат“, беше презентацијата на антологијата „Дионис и свети Трифун“, одлична панорама на македонската винска поезија објавена од Струшките вечери на поезијата, токму во чест на одбележувањето на 140-годишниот јубилеј од постоењето на „Тиквеш“.
Приредувач на оваа антологија е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски, кој ја именувал како македонска винска поезија, со оглед на големиот број песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволствата од пиењето вино. Станува збор за прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.
Вреди да се спомене дека еден од најпознатите македонски вински брендови – виното „Т’га за југ“, е создаден во чест на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Ова квалитетно црвено вино на „Тиквеш“ од сортата вранец, го добило своето име во далечната 1973 година, од поетите кои ова вино со својот вкус, боја и арома ги асоцирало на Македонија и емоциите и топлината на луѓето и земјата.
Со оваа соработка, винарската визба „Тиквеш“ уште еднаш ја потврди својата улога како мост меѓу традицијата, културата и уметноста, прославувајќи 140 години винска историја.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...