25. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

ДУИ: Мицкоски на погрешен пат, неуспесите не се покриваат со клевети

Соопштение на ДУИ:

Изјавите на премиерот Мицкоски и неговите повторни клевети зборуваат повеќе за неговата мака отколку за ДУИ. Наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област – од економијата до меѓународната изолација – тој се занимава со празни напади кон ДУИ.

Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни:
• зошто неговата влада го крши Уставот и законите,
• зошто ги дискриминира Албанците,
• зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми,
• зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели,
• и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година.

ДУИ не може да остане рамнодушна кога се крши Охридскиот мировен договор – документ од суштинско значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата. Обидот на Мицкоски да создаде политички „кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување. Ова не придонесува за кохезијата на општеството, ниту за политичка стабилност.

Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива.

Нас не нè интересира дали сме или не сме во власта – туку да ја придвижиме државата напред, да ја извадиме од ќорсокак. Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината.

Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство.

Што се однесува до обвиненијата за криминал и корупција, одговорот е едноставен: прифатете го предлогот на ДУИ за целосен ветинг. Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го.

ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен.

Можеби ќе ве интересира

Апсења низ Македонија во голема акција, паднаа и притвори – еве ги деталите

ДЕСК

ЗНАЧИТЕЛНИ ПРЕСВРТИ СО ВРЕМЕТО: Температури до 38°C, најавено е и невреме со пороен дожд, грмежи и ветер

ДЕСК

Алиу со директорите на Клиниките за кардиологија и кардиохирургија: Заеднички ги разгледуваме тековните предизвици и можностите за унапредување на условите во дејноста

ДЕСК