Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација ќе знае во рок од две недели дали ќе се постигне мир во Украина, предупредувајќи дека ако не, тој „ќе заземе поинаков пристап“.
Оваа изјава е последна во низата рокови што Трамп ги постави за завршување на војната, кои досега поминаа без конкретни акции, пишува The Kyiv Independent.
„Во рок од две недели ќе знаеме дали ќе има мир во Украина. После тоа, можеби ќе мора да заземе поинаков пристап“, рече Трамп.
Неговите коментари следеа по состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се одржа само неколку дена по состанокот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин, но без никаков напредок во преговорите.
Вчера, Трамп напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека Украина не може да ја добие војната без да нападне во Русија, обвинувајќи го поранешниот американски претседател Џо Бајден дека му дозволил на Киев само да „се брани, а не да возвраќа“.
Тој исто така тврди дека војната немало да се случи доколку тој бил на власт, завршувајќи ја објавата со зборовите: „Интересни времиња се пред нас!“
Овие изјави значително се разликуваат од неговиот став во декември 2024 година, кога во интервју за списанието „Тајм“ предупреди дека дозволувањето на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија би била „голема грешка“ што носи ризик од опасна ескалација.
Да се потсетиме дека администрацијата на Џо Бајден одобри употреба на американски ракети ATACMS со долг дострел за напади во Русија уште во 2024 година.
Украинскиот претседател Зеленски повика на решителна реакција од САД доколку Русија одбие понатамошни мировни преговори.
„Подготвени сме за билатерален состанок. Ако Русите не се, тогаш би сакале да видиме силен одговор од САД“, рече Зеленски, додавајќи дека побарал од Трамп да воведе дополнителни санкции врз Москва доколку одбие да седне на преговарачка маса со Украина./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...