Секоја вечер помеѓу 19 и 22 часот, холограм во природна големина на полицаец во паркот Џудонг бр. 3 во Сеул повторува предупредувања за видео надзор и ветува дека вистинските полицајци ќе реагираат веднаш, објавува Vice.
Оваа иницијатива не е маркетиншки трик, туку проект целосно поддржан од Агенцијата за полиција во Сеул. Холограмот е создаден од технолошката компанија Hologrammica, а резултатите се веќе видливи. Откако дигиталниот полицаец беше распореден во октомври минатата година како дел од иницијативата „Безбеден парк“, бројот на пријавени кривични дела во областа се намали за околу 22 проценти.
Иако холограмот не може да уапси никого, полицијата вели дека неговото присуство е доволно за да ги одврати потенцијалните престапници. „Иако по подетално испитување, јасно е дека лицето не е вистинско, самото чувство за присуство на полицијата имаше значаен ефект на одвраќање“, се вели во соопштението на полицијата.
Холограмот е висок над 170 сантиметри и е моделиран по вистинска личност. Неговиот изглед, особено кога свети во темница, е донекаде морничав. Додека некои на интернет го опишуваат како корисна и високотехнолошка алатка, други го споредуваат со светлечко страшило.
И покрај мешаните критики, психолошкото влијание се чини дека е позитивно. Шефот на полициската станица во Џунгбу, Ан Донг-хјун, рече дека холограмот „се етаблира како паметен безбедносен уред“ и најави планови за проширување на ваквите системи напојувани од вештачка интелигенција во други области.
Јужна Кореја е веќе позната по употребата на експериментална технологија за јавни цели, од препознавање лица во училиштата до виртуелни асистенти на железничките станици./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...