Соопштение на Уставниот Суд:
Уставниот суд во текот на месец јули 2025 година оформи 26 нови предмети. Оформени се десет предмети во кои се бара оценување на уставност на закони и подзаконски акти, дванаесет предмети се формирани по поднесување на иницијативи за оценување на уставност и законитост на прописи, формирани се четири предмети за заштита на слободите и правата на граѓани.
1. У.бр.86/2025
Оспорен акт: Член 218 од Законот за извршување
Содржина на оспорениот акт: Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
Подносител на иницијативата: Николче Митевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот акт е во спротивност со членовите 9, 11, 32 и 34 од Уставот. Се тврди дека голем број работници кои тужеле за неисплатени придонеси не ги оствариле своите права, иако имаат правосилна и извршна пресуда, извршителите не може да наплатат побарување, токму поради содржината на членот 218 од Законот за извршување.
2. У.бр.87/2025
Оспорен акт: Член 38 од Законот за судовите
Содржина на оспорениот акт: Судија на основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, може да одлучува само во постапки од членот 30 од овој закон.
Подносител на иницијативата: Глигорие Ќатоски и Владимир Стојковски, адвокати
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на иницијативата наведуваат дека со оспорената одредба се ограничуваат судиите кои се избрани во судови со проширена надлежност да постапуваат само по предметите од основна надлежност, со што тврдат дека се повредува начелото на еднаквост и забрана од дискриминација. Според наведеното, оспорената одредба создава две категории на судии во основните судови со проширена надлежност и тоа: судии со судиски стаж до две години, чија надлежност е ограничена и судии со судиски стаж над две години кои имаат целосна надлежност. Според наводите, не постои објективно и разумно оправдување за различен третман на судии кои се еднакво квалификувани според законот. Се наведува дека оспорената одредба прави дискриминторска поделба на искусни и неискусни судии, што директно го попречува нивниот професионален развој, ако се земе предвид фактот дека условот за станување на судија за сите е завршување на Академија за судии и јавни обвинители.
3. У.бр.88/2025
Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на Законот за ПИОСМ
Подносител на иницијативата: Љубомир Сандевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОСМ кои се државјани на Република Северна Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година. Се наведува дека државата го ускратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите.
4. У.бр.89/2025
Оспорен акт: Член 266-в став 1 и став 2 од Законот за облигациони односи
Подносител на иницијативата: Душко Чангов
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека со оспорените одредби е повредено уставното начело на владеењето на правото. Меѓу другото, се наведува дека со одредбите се прави дискриминација бидејќи, според него, должникот кој благовремено ги плаќа паричните обврски или доверителот, се ставаат во нерамноправна положба во однос на должникот кој доцни со плаќање на паричните обврски и може нецелосно и ненавремено да ги извршува своите законски обврски, без притоа да му биде додадена казнена камата на главнината.
5. У.бр.90/2025
Оспорен акт: Делот „вработени во Бирото за судски вештачења” од член 31-а од Законот за процена
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека одредбата е во спротивност со членот 9 од Уставот, бидејќи според него се воспоставува нееднаквост на лица внатре во Бирото за судски вештачења, во една и иста категорија – проценувачи. Според наведеното, не треба да се прави разлика помеѓу „проценувач” вработен во Бирото за процена и „проценувач” вработен во фирма или трговец-поединец.
6. У.бр.91/2025
Оспорен акт: Делот „освен во случаите кога се врши откуп на земјоделски производи од производителите на земјоделски производи или” од Законот за стоковите резерви
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот дел може да предизвика правна несигурност и е во спротивност со владеењето на правото.
7. У.бр.92/2025
Оспорен акт: Член 41-а став 9 во делот „и превозот” од Законот за средното образование
Предметот е оформен по иницијатива на Уставниот суд по претходно доставен предлог на претседателот д-р Дарко Костадиновски
Причини за оспорување:
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлука У.бр.81/2023 од 5 декември го укина член 41-а став 1 во делот „јавно” и став 3 во делот „јавното” од Законот за средното образование. Судот ја укина оспорената одреба бидејќи допушта нееднаков третман на лицата кои имаат ист, идентичен правен статус, односно статус на редовни ученици во средното образование, што е основ да им се обезбедат еднакви услови во образованието. Со членот 24 е изменет член 41-а од Законот за средното образование, при што во став 9 е предвидено дека сместувањето и превозот за учениците од приватните средни училишта ги обезбедува основачот. Со оглед на содржината на одредбата, произлегува дека Собранието не ја испочитувало Одлуката на Уставниот суд (У.бр.81/2023). Дополнително, според иницијативата, со самиот факт што некој станува редовен ученик во средно училиште, се стекнува со право на бесплатен превоз, бидејќи истото е предвидено со член 41-а став 1 од Законот за средното образование. Со фактот дека Законодавецот ги исклучил учениците од приватните средни училишта,од користење на јавен превоз, се претпоставува дека постапил спротивно на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот.
8. У.бр.93/2025
Оспорен акт: Делот „и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија ” од член 18 став од Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (објавен на 18 септември 2024 година во „Службен весник на Република Северна Македонија бр.139/24”) и делот „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија” од член 3 од Законот за изменување и диполнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија бр.75”
Подносител на иницијативата: Илија Ивановски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување произведуваат нееднаквост и дискриминација на пензионерите кои ја примаат пензијата надвор од државата.
9. У.бр.94/2025
Оспорен акт: Делот „по што надлежниот орган е должен истото да го поништи” од член 135-а став 4 од Законот за градење и делот „утврдување стандарди и” од член 10 алинеја 1 точка 5 од Законот за Градот Скопје
Подносител на иницијативата: Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека одредбата која е донесена на 20.09.2010 година предвидува поништување на одобрение за урбана опрема(тераси, настрешници, шанкови итн.) која е поставена спротивно од одобрението кој го издaл надлежниот орган, или во овој случај градоначалникот. Се тврди дека иако е предвидено дека градоначалникот треба да го поништи одобрението за поставување урбана опрема, Законот не предвидува на кој начин и во каква постапка тој ќе го поништи одобрението за поставување на урбана опрема, кое е правосилно. Подносителот тврди дека фактот дека не е уредено на кој начин ќе се поништи урбаната опрема создава правна несигурност и непредвидливост.
10. У.бр.95/2025
Оспорен акт: Член 1 во делот „во член 37 став 1 по зборот „врши” се додаваат зборовите: на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија” и член 3 во делот „во член 18 во ставот 3 по зборовите „28 февруари 2025 година”се додаваат зборовите „и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија”.
– Член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување
Подносител на иницијативата: Темелко Ристески
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените делови се повредени членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 27 став 2, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот. Се тврди дека со додадените одредби се создава нееднаквост меѓу пензионерите, бидејќи иако имаат ист „статус” на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите поеднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на околу 12 000 пензионери, како едно од уставно гарантирани права.
ПРЕДМЕТИ ВО КОИ Е ОСПОРЕНА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА
1. УЗ.38/2025
Оспорен акт: Член 14 став 1 алинеја 1 од Упатството за уредување на постапката при решавање на барања за одобрение за сеча во приватна шума број 02-958/1 од 23.10.2015 донесено од директорот на „Национални шуми” Скопје
Подносител на иницијативата: Здружение на граѓани „Засегнати сопственици на недвижен иимот” Берово преку претседателот Бранко Скендероски
Од наводите во иницијативата: Подносителот на иницијативата наведува дека со донесување на оспореното Упатство се повредени членовите 50, 51 и 52 од Уставот, како и член 43 од Законот за шумите, член 27 од Законот за залог, член 4 од Законот за општата управна постапка итн. Се наведува дека ниту еден правен акт кој претставува основ за донесување на Упатството не ја регулира хипотеката и воопшто не ја споменува. Според подносителите, поради постоење на оспореното Упатство се одбиените барања за добивање на одобрение за сеча во хипотекарна шума, што според нив е апсурдно, правејќи компарација со станови, куќи и други објекти кои на сопствениците им се ставени под хипотека, но сепак не им е забрането да ги користат.
2. УЗ.39/2025
Оспорен акт: Правилникот за континуирано професионално усовршување У.О. Број 0202-134/1 од 06.06.2024 година и Правилникот за континуирано професионално усовршување од 13.06.2025 година донесени од Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија.
Подносител на иницијативата: Јовица Јовевски
Од наводите во иницијативата: Подносителот наведува дека оспорените правилници се донесени спротивно на член 55 став 1 и член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и член 51 став 1 и член 52 став 2 од Уставот.
3. УЗ.40/2025
Оспорен акт: Член 17 од Стаутот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Александра Дамчевска и други граѓани
Од наводите во иницијативата: Подносителите тврдат дека оспорениот член од Статутот е во спротивност со членот 20 од Уставот кој гарантира слобода на здружување, како и дека е во спротивност со членовите од Законот за работни односи кои предвидуваат доброволност при членство во здруженија на граѓани и синдикати. Според наведеното во иницијативата, се забранува истапување од СУТКОЗ цели три години по зачленувањето, што за подносителите на иницијативата е спорно бидејќи работниците од областа на угостителството, туризмот и комунално-станбеното стопанство се обврзани да бидат дел од наведениот синдикат 3 години, без можност за истапување порано, доколку така сметаат.
4. УЗ.41/2025
Оспорен акт: Решение за објавување на Одлука за определување на дозволеност на гредба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистичкиот план на Град Скопје 2012-2022 година бр.09-3381/3 20.07.2023 година Скопје
Подносител на иницијативата: Филип Алексоски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека донесеното Решение е во спротивност со член 30 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 11 од Законот за земјоделско земјиште, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита на природата. Се тврди дека територијата на Општина Центар зафаќа простор кој е надвор од ГУП-от од кој поголемиот дел е земјоделско земјиште кое се наоѓа во парк-шумата Водно и на кое согласно Законот за земјоделско земјиште е дозволено изведување на земјоделски активности како и градба на помошни објекти за земјоделски активности. Според наведеното во иницијативата, со оспореното Решение неосновано се забранува и градење кое е во рамки на законите.
5. УЗ.42/2025
Оспорен акт: Одлука за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија за Општина Пехчево бр.42-822/1 од 16.02.2016
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека оспорената Одлука е донесена врз основа на одредби од пропис кој не е во правниот промет, сметано од 09.01.2016 година, а самата Одлука е донесена еден месец подоцна, односно на 16.02.2016
6. УЗ.43/2025
Оспорен акт: Член 1 став 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за минимално-техничките услови во продажни објекти во кои се врши трговија на големо и трговија на мало
Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски, адвокат и Бојан Стоилков
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека со оспорената одредба од подзаконскиот акт е направена повреда на одредби од Законот за енергетика, бидејќи се предвидени околности кои не се уредени во законот, како што е на пример можноста увозникот на нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт при вршењето на трговија на големо, увезените нафтени деривати да ги доставува во посебен склад кај трговецот на големо.
7. УЗ.44/2025
Оспорен акт: Протокол од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија
Подносител на иницијативата: Лилјана Поповска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката на иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава. Според наведеното во иницијативата Протоколот е во спротивност со Уставот, бидејќи не е ратификуван во Собранието, не е објавен во дадениот уставен рок во „Службен весник на Република Северна Македонија”. Дополнително, се тврди дека е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување. Подносителката бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај. Во иницијативата е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија. Се тврди дека за разлика на процедурата спроведена во Република Северна Македонија која ја оценува како како нетранспарентна и со пропусти, бугарската собраниска Комисија за текстот на Протоколот дискутирала уште на 23.06.2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат Протоколот, а потоа на седница на 24.06.2022 година го усвоила целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со Северна Македонија со имплицитно вградениот Протокол.
8. УЗ.45/2025
Оспорен акт: Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територија на Општина Велес под број 25-1145/5 од 24.02.2023 година на Општина Велес;
-Заклучок за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индистриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес под реден број 08-1170/26 од 27.02.2026;
-Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територија на Општина Велес под број 25-2818/4 од 15.06.2023 година на Општина Велес;
-Заклучок за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индистриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес под реден број 08-2840/3;
Подносител на иницијативата: Друштво за шпедиција,транспорт,промет и услуги ДАЧО-КОМЕРЦ 95 Зафирова Елена ДООЕЛ експорт-импорт Велес и други преку полномошник Грозданчо Сутинов
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Се тврди дека одредувањето на висината на цената на собирање на комуналниот отпад е определена со Законот за управување со отпадот како и Методологијата за пресметување на цената за собирање и транспортирање на отпад. Подносителите тврдат дека оспорените акти се донесени на погрешна основа, односно се повикуваат на одредби од Законот за локална самоуправа, наместо на одредбите од Законот за управување со отпад кој според нив е „lex specialis” и ја регулира оваа област.
9.УЗ.46/2025
Оспорен акт: Член 45-б став 2 во делот „кои на денот на објавувањето на конкурост немаат навршено 70 години возраст” од Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на Македонската акадамија на науките и уметностите донесена на 15.12.2020 година
Подносител на иницијативата: Темелко Ристески
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека оспорената одредба е во спротивност со членот 9 од Уставот, бидејќи според него одредената возраст не смее да биде пречка за да се членува во која било институција, како што наведува, одредбата не би смеело да е пречка, тој самиот да е дописен член на МАНУ.
10. УЗ.47/2025
Оспорен акт: Одлука за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Северна Македонија, бр.41-841/7 од 24 септември 2024 година, донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Скендер Реџепи
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одлука создава правна несигурност, бидејќи Владата без законско овластување ја донела Одлуката со која е утврден бројот на членовите на советите во општините. Во иницијативата е наведено дека Владата нема законско овластување за вакви одлуки и бројот на членовите којшто е определен со оспорената Одлука е различен од начинот предвиден во членот 34 од Законот за локална самоуправа. Се наведува дека Одлуката не содржи податоци врз основа на кои е определен бројот на членовите на советите, што истата ја прави нејасна и спротивна на член 9 алинеја 3 од Уставот.
11. УЗ.48/2025
Оспорен акт: Одлука за утврдување на бројот на членовите на советот на општините на Република Северна Македонија бр.41-841/7. Донесена од Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24 Септември 2024 година
Подносител на иницијативата: Ќенан Алија
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека оспорената Одлука е во спротивност со член 8 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со членови од Законот за локална самоуправа. Се наведува дека извршната власт не може да го одредува бројот на членови во советот на општините спротивно од официјалните податоци добиени од Пописот во 2021 година.
12. УЗ.49/2025
Оспорен акт: Член 54, 54-а став 1 точки 3,5,6 и 7 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 233/2020) од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ)
Подносител на иницијативата:Борче Ѓоргиев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека и покрај одлуката У.бр.5/2025 година со која се укинати условите за исклучување од системот за централно парно греење, со сега оспорените одредби во примена се заобиколува фактот дека се укинати некои околности, со што наметнување на услови за добивање на дозвола за исклучување од системот повторно се во промет. Се наведува дека не постои смисла на сега оспорените точки без укинатите, што го толкува дека нивното барање претставува прикриено продолжување на примената на укинатите одредби или поконкретно, заобиколување на Одлуката на Уставниот суд.
БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА
1.БЗСП 11/2025
Предмет: Барање за заштита на право согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот
Подносител на барањето: Александар Илиевски
Акти оспорени со барањето: Одлука за прекин на звањето асистент со број 02-2916/1 од 09.05.2025;
-Допис од Факултетот број 02-2994/2 од 19.05.2025;
-Отказно решение од 02.06.2025;
-Приговор од 22.05.2025;
-Акт од 04.6.2025 со кој се негира правото на приговор.
Од наводите во барањето:
Подносителот на барањето наведува дека е спречен во остварување на правото на жалба, односно на приговор како правно средство против првостепен акт, откако претходно не бил известен за негативен исход од неговото барање за продолжување на статус „асистент” на факултет. Во барањето се тврди дека е направена повреда на правото на жалба, односно правна заштита против поединечни правни акти во прв степен.
2. БЗСП 12/2025
Предмет: Барање за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот
Подносител на барањето: Aлександар Насковски
Акти оспорени со барањето: Одговор на барање бр.09-897/2 од 13.03.2023 година
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека како професионален војник побарал трансформирање на работниот однос од определено на неопределено време со оглед на фактот дека повеќе од 5 години работел непрекинато кај ист работодавец. Наведува дека е вработен во АРМ на определено време со продолжување на 8 договори во период од 23 години и 2 месеца. Тврди дека одговорот не му е даден во форма на решение од овластено лице, дека не содржи правна поука и законска можност за жалба. Во барањето се тврди дека за разлика од останатите вработени, професионалните војници се единствените работници кои работат по повеќе од 20 години на определено време, при што наведува дека на тој начин се врши системска дискриминација.
3. БЗСП 13/2025
Предмет: Барање за заштита од дискриминација согласно член 110 алинеја 3 од Уставот
Подносител на барањето: Иванчо Тасевски и трговско друштво за производство трговија и услуги ДОРИН ДОО Охрид, преку полномошник Стојан Велјановски
Од наводите во барањето:
Се тврди дека Основниот суд Охрид направил дискриминација врз барателите бидејќи во постапка по предметот ПРК-С-1834/22 им било ускратено правото на одбраната за предлагање на докази и еднаквост на оружјата во постапката. Во барањето се наведува дека поради наводната дискриминација, донесена е пресуда со која барателите се осудени на парични глоби и трпат штетни последици.
4. БЗСП бр.14/2025
Предмет: Барање за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност согласно член 110 алинеја 3 од Уставот
Подносител на барањето: Александар Наумоски
Оспорени акти: Одговор по барање на Собранието (Комисија за прашања на изборите и именувањата бр.16-280/3 од 09.06.2025 година)
-Решение бр.18-2567/2 од 01.04.2025 година за одбивање на барањето за остварување на право на плата по престанок на функцијата-претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија, донесено од Владата на Република Северна Македонија
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека е дискриминиран по однос на политичка припадност бидејќи бил избран на јавен оглас на функцијата претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија со мандат од 5 години. Тврди дека функцијата ја извршувал две години и десет месеци, дека е предвреме разрешен од страна на Владата без конкретни факти и без можност за жалба. Иако се обратил до Собранието за да добие право на плата по престанување на функцијата, наведува дека бил одбиен. Подносителот тврди дека незаконски му е ускратено правото кое е предвидено согласно член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, како и дека двете институции постапиле спротивно на член 9 од Уставот бидејќи го ставиле во нерамноправна положба со останати лица кои го оствариле истото право.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...