Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и државниот секретар Фатмир Сабриу, го одбележаа Меѓународниот ден на младите – 12 Август, со доделување на плакети за младинско учество. Настанот беше организиран во соработка со Националниот младински совет на Македонија и поддршка на ОБСЕ.
Министерот Лимани честитајќи го Меѓународниот ден на младите, го истакна значењето на младите во општеството, како двигатели на промените.
„Денес стоиме овде не само за да го одбележиме овој значаен ден, туку и за да го прославиме гласот, потенцијалот и визијата што младите луѓе ја носат за иднината на нашата земја. Младите не се само иднината – тие се нашата сегашност, носители на промените, инспирација за иновација и гласот што нè потсетува колку е важно да се креира праведно и инклузивно општество,“ порача Лимани.
Тој се осврна на заложбите и реализацијата на конкретни проекти, мерки и активности на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во таа насока е и одржувањето на Националната младинска летна школа за социјална инклузија, за прв пат во земјава, во организација на Министерството, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ. Притоа, потенцирајќи дека Школата не е само проект – туку можност за учење, вмрежување, градење лидерски вештини, но и развој на чувствителност и одговорност кон другите.
Потоа, повикот за Награда за младинско учество, кој е потврда за препознавањето и вреднувањето на ангажираноста на младите во нивните заедници. Започнувањето на процесот за избор на нов младински претставник во управната канцеларија на РИКО, отворајќи нови врати за регионално младинско учество, како и повикот за избор на младински делегат од Република Северна Македонија во работата на Обединетите нации – ООН.
„Она што некогаш беше само законска рамка – Законот за младинско учество и младински политики – сега прерасна во акција. Во рамките на Министерството, формирано е одделение за истражување, со цел да ги развиваме младинските политики, да создадеме подобри можности – за работа, за учење и за ментално здравје на младите, врз основа на реални податоци и потреби,“ истакна министерот.
Тој посочи дека во тек се и подготовките за целосно преземање и имплементација на Европската младинска картичка. Со тоа, младите ќе добијат пристап до конкретни придобивки – како на национално, така и на европско ниво.
„И токму денешниот настан – доделувањето на Наградата за младинско учество – нека биде симбол на почит и признание за сите млади кои не се пасивни набљудувачи, туку активни граѓани. Младите кои се борат, организираат, предлагаат, иницираат. Младите кои не ја чекаат промената – туку самите ја создаваат,“ рече Лимани.
Тој на сите добитници на наградата им посака искрени честитки!
„Нека гласот на младите сè погласно одекнува – денес, утре и секој ден потоа,“ порача Лимани.
„Младите не се само во фокусот на работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје – тие се клучни партнери: лидери, иноватори и двигатели на промени. Секојдневно го гледаме тоа во вашата активност, креативност и посветеност за праведни, безбедни и инклузивни заедници. Преку нашата тригодишна стратегија ќе продолжиме да го поддржуваме младинското учество,“ изјави Енрика Вида, раководителка на Канцеларијата за политички прашања и комуникации, најавувајќи нова категорија – Наградата за млади и безбедност, која ќе биде доделена следната година.
„Националниот младински совет на Македонија повеќе од една деценија е гласот на младите во институциите и во јавноста – платформа што ги обединува формите на младинско организирање со една заедничка цел – да ги претставуваме интересите и потребите на младите, да бидеме мост кој ќе ги поврзе со сите релевантни чинители, и да обезбедиме нивно целосно и активно учество во процесите на донесување одлуки на локално, национално и европско ниво. Да продолжиме заедно – институции, организации, поединци – во градење општество во кое младите не само што имаат глас, туку и реална моќ да ја обликуваат својата сегашност и својата иднина,“ порача Ивона Кузманоска – в.д Претседателката на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Наградата за младинско учество се доделува во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст од 15 до 29 години, кои спровеле иницијатива со општествена вредност, категорија на не-формални групи на млади (најмалку 3 членови), кои здружено реализирале соработнички проекти, и категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации.
Добитник на наградата во индивидуална категорија е Калина Чакареска. Во категоријата на не-формални групи на млади добитник е Support Kocani и во третата категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации добитник е Сојуз на извидници на Македонија.
Секоја година Меѓународниот ден на младите- 12 Август се одбележува со промовирање и валоризирање на успесите на младите. Оваа година на добитниците на наградите за младинско учество свечено им беа доделени плакети, а по завршување на изборниот процес ќе следи и реализација на наградата. Јавното онлајн гласање за добитници на наградата за младинско учество започна на 10.07.2025 година, а заврши заклучно со 31.07.2025 година. По официјалното затворање на онлајн гласaњето извршена е детална проверка и анализа на доставените гласови преку платформата SurveyLegend. Анализата опфати проверка на техничките параметри (IP адреса, оперативен систем, прелистувач, уред и уникатен External ID) со цел да се утврди валидноста и уникатноста на гласовите. Ваквата постапка на проверка е воспоставена пракса и во претходните години, со цел да се обезбеди фер и транспарентен избор на добитниците.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...