13. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Рекорден топлотен бран во Европа – во Италија почина четиригодишно дете

Во топлoтниот бран, кој вчера ја зафати Европа, едно дете почина од топлотен удар во Италија, шумските пожари се му закануваа на локалитет на УНЕСКО во Шпанија, а француските градови забележаа рекордни температури.

Во многу градови во Франција, Италија и на југоистокот на Европа беше прогласено црвено предупредување поради топлина. Пожарите разгорени од силни ветрови принудија на евакуација илјадници луѓе од целиот континент и ги загрозуваа популарните туристички места во Турција и Шпанија.

Четиригодишно дете од Романија почина во Италија кога беше пронајдено без свест во автомобил на островот Сардинија. Веста стигна со предупредување од италијанското Министерство за здравство за опасноста од високите температури во седум поголеми града, вклучувајќи ги и Болоња и Фиренца.

Во 11 италијански града важи црвено предупредување за денес, а во 16 за утре. Црвени предупредувања се прогласени и во јужна Франција, како и на јадранскиот и на јонскиот брег.

„Топлотниот бран, кој во моментов ги погодува Франција, Шпанија и балканските земји, не е изненадување. Причинет е од упорна топлинска купола над Европа“, изјави Акшај Деорас, научник на метеоролошкиот оддел при Универзитетот во Редин, Велика Британија, за АФП. „Топлотните бранови не се како невремиња, тивко се приближуваат, но може да бидат еднакво смртоносни“.

Пожар што избувна во неделата го оштети рудникот од римско време во Лас Медулас на северозападот на Шпанија, познат по впечатливиот црвен пејзаж и кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО, предизвикувајќи евакуација на стотици жители.

„Високите температури и ветровите до 40 километри на час создадоа големи предизвици за пожарникарите што се борат со огнот“, изјави Хуан Карлос Суарез-Кинонес, регионален министер за заштита на животната средина на Кастилја и Леон. „Нема да им дозволиме на луѓето да се вратат додека безбедноста во нивните заедници не биде целосно загарантирана“, рече тој на прес-конференција проценувајќи дека речиси 700 луѓе ги напуштиле своите домови.

Шпанија минатата недела беше погодена од топлотен бран со температури што во многу области се приближуваа до 40°C, што предизвика шумски пожари. Во јужниот туристички град Тарифа беа евакуирани повеќе од 2.000 луѓе, некои од нив од хотели и од плажи. Откога пожарот што беше изгаснат, во петокот се разгоре повторно, а повеќе од 100 пожарникари се бореа со пламенот.

Во соседна Португалија пожарникарите се борат со три големи шумски пожари во централниот и во северниот дел на земјата, а Мароко испрати два авиона за помош во гаснењето откога два португалски авиона се расипаа. Во Италија речиси 190 пожарникари и војска се борат со пожар на Везув, кој доведе до затворање на националниот парк за туристи.

Луѓе беа евакуирани од десетици домови на југоистокот на Европа додека пожарникарите се борат со пожари во Албанија, Црна Гора и во Хрватска, каде што се прогласени црвени предупредувања. Во Албанија стотици пожарникари и војници го изгаснаа поголемиот дел од 40-ина пожари, кои избувнаа во последните 24 часа, според Министерството за одбрана, но повеќе од десет сѐ уште се активни.

Од почетокот на јули речиси 34.000 хектари изгореле во земјата, според Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS). Полицијата тврди дека многу пожари се подметнати, а во последните недели уапсени се повеќе од 20 лица.

Во близина на главниот град на соседна Црна Гора, каде што температурите се искачија до 40°C, тимовите на пожарникари успеаја да спасат десетици домови кога вчера избувна пожар на непристапен терен. Во Хрватска пожарникарите ги бранеа домовите од пожарите во близина на Сплит.

Во северозападната турска провинција Чанаккале евакуирани се повеќе од 2.000 луѓе, а 77 лица добија болничка помош поради вдишување чад кога избувнаа неколку пожари околу туристичкото место Гузелијали, соопштија властите.

Неколку куќи и автомобили се запалија, според снимки објавени во турските медиуми, а повеќе од 760 пожарникари, 10 авиони, девет хеликоптери и повеќе од 200 возила се распоредени во борбата против пожарите.

Температурни рекорди беа соборени на најмалку четири метеоролошки станици во јужна Франција, а владата повика на внимателност. Во градот Бордо на југозападот е забележана рекордна температура од 41,6°C, а рекорди се соборени и на метеоролошките станици во Берже, Конјак и во Сен-Жирон, според националната метеоролошка служба „Метео Франс“.

Овој топлотен бран, втор по ред ова лето во земјата, почна в петок и се предвидува да трае до 19 или 20 август. Вчера, 12 француски департмани беа под црвено предупредување, што е највисоко ниво на предупредување поради топлина во земјата, а денес се очекува тоа да важи за уште четири департмани./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Русија планира да ограничи дел од повиците на Telegram и на WhatsApp

C +

Мерц: Прво прекин на огнот во Украина, потоа долгорочен мировен договор

C +

Макрон: Трамп се согласи дека Украина мора да биде вклучена во разговорите за територијата

C +