Мохамед Алмадун, од хуманитарна организација во Газа, рече дека во оваа палестинска енклава лекувал две малолетни деца – брат и сестра – кои во своите „најсреќни денови“ јадат сув леб и пијат чај! Организацијата, исто така, предупреди дека речиси половина од бремените жени и доилките страдаат од тешка неухранетост и изјави дека им е потребна итна медицинска помош.
– Утрово лекував две деца, брат и сестра на возраст од 11 и 14 години, кои јасно покажуваа знаци на тешка неухранетост. Им дадовме терапевтска храна за да се обидеме да ја стабилизираме нивната состојба. Но, семејствата ни велат дека едвај имаат храна. Во најдобар случај, преживуваат на сув леб и чај. Потребна е итна акција – предупреди Мохамед Алмадун, здравствен работник и заменик-директор на организацијата Медицинска помош за Палестинците (MAП).
Зборувајќи во име на организацијата, тој рече дека тие се исклучително загрижени за хуманитарната криза во Газа.
– Досега не е дозволен влез на никаков терапевтски додаток за третман на неухранетост. Уште позагрижувачки е што почнавме да забележуваме зголемување на смртните случаи предизвикани од неухранетост, не само кај децата, туку и кај постарите лица – истакна Алмадун.
Организацијата MAП објави дека 44 проценти од бремените жени и доилките прегледани од еден од нивните локални партнери покажуваат знаци на тешка неухранетост и дека итно треба да бидат упатени на медицински третман.
Алармантните нови податоци објавени од организацијата „Ард Ел Инсан“ (АЕИ), која им обезбедува нутритивна и медицинска помош на Палестинците низ Газа, покажуваат зголемување од 10 проценти од мај на бројот на бремени жени и доилки кои страдаат од тешка неухранетост, пишува „Индипендент“.
Здравствените работници и хуманитарните работници, исто така, велат дека не можат сами да обезбедат доволно храна и страдаат од неухранетост.
– Искрено, не знам како да го опишам тоа. Како медицински тимови, сме целосно исцрпени. Немаме храна, ништо за пиење и немаме можност за одмор, дури ни помеѓу операциите што траат доцна во ноќта – рече д-р Халид Шава, општ хирург во теренска болница во Газа Сити./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...