Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Талевски: Тошковски како Груевски, сака да формира партиска милиција под своја команда!

Со скандалозниот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за полиција, актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски се обидуваат брутално да ја партизираат полицијата и да формираат партиска милиција под нивна команда, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, денес на собраниската седница.
Талевски потенцираше дека станува збор за опасен и корумпиран обид полицијата да стане параполициски апарат за заштита на партиските интереси и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Полицијата не смее да биде под ничија команда. Со законските измени, Тошковски свесно го урива кариерниот систем во МВР, бришејќи ги критериумите за искуство и образование за највисоките оперативни позиции, вклучително и началници на СВР. Со член 4 се бришат критериумите за минимум 6 години работно искуство и 4 години раководна позиција за началник на сектор за внатрешни работи. Тоа значи дека лице без никакво искуство, некој што вчера положил приправнички испит, може да биде поставен на оваа позиција , ако е партиски подобен. Без никакви критериуми, може да се избере Началник на сектор за внатрешни работи. Со овие измени МВР не се јакне, туку се претвора во сервис на партијата на власт. Ова не е реформа, туку реставрација на груевизмот“, потенцираше Талевски.

Тој укажа дека особено загрижува и член 12, со кој се бара полициските податоци да се бришат по 60 години. Прашањето е – зошто? Кој треба да биде заштитен со оваа измена? Ова е уште еден доказ дека власта се обидува да амнестира и сокрие траги од злоупотреби. Загрижува и намерата да се укинат регионалните гранични центри, што претставува директен удар врз граничната контрола, со потенцијални последици по безбедноста, па дури и отворање простор за сомнителни шеми со мигранти.

„Понатаму, со член 15 се подига старосната граница за вработување на 30 години“, со што, според Талевски, се отвора простор за вдомување партиски кадри, наместо отворање шанси за млади, образовани лица со енергија и потенцијал. А најскандалозен е членот 19, со кој се овозможува во полицијата да останат лица со осудителни пресуди и забрани за работа, рече Талевски.

Тој потенцираше и дека наместо полиција што штити законитост, ќе добиеме институција која е прибежиште за лица со криминално досие. Ова е целосна подреденост на институциите на партиските интереси. Се враќаме во времето на МВР под ВМРО, кога брутално се кршеа човековите права на граѓаните.

„СДСМ бара итно повлекување на предложените измени. Полицијата мора да остане професионална, натпартиска и водена од знаење, искуство и јасни критериуми, а не од партиска книшка. Овој закон е закана за правната држава и безбедноста на граѓаните.“, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.

Линк до видео: https://youtu.be/81up6t0JN6Y

Можеби ќе ве интересира

Мицкоски вели дека во споредба плата-трошоци за живот, подобри сме од Грција, Португалија, Кипар, Унгарија…

ДЕСК

Голема полициска акција вечерва кај патарината кон Куманово, сообраќајот во колапс

ДЕСК

СВЕЖО И НЕСТАБИЛНО ВРЕМЕ И СЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ, ОД ВТОРНИК ПРЕСВРТ – Метеоцентар со неколкудневна прогноза

ДЕСК