На 16 јули, на импресивната сцена на античкиот театар Хераклеа во Битола, ќе се одржи јубилеен концерт на музичката група „Инструментал Бенд“, по повод одбележувањето на 20 години од нивното активно присуство на македонската музичка сцена.
Концертот, кој веќе се најавува како еден од музичките настани на годината, ќе понуди ретроспектива на дведецениското творештво на бендот – преку изведба на нивните најпознати песни, како и обработки на безвременски македонски и балкански хитови. Настанот добива и дополнителна димензија преку хуманитарниот карактер: дел од приходите ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во неодамнешната трагедија во Кочани.
– Решивме да го одбележиме овој нескромен јубилеј со голем концерт во кој ќе пробаме да ги опфатиме и презентираме сите 20 години, убави моменти, успеси и падови. Веќе неколку месеци активно се подготвуваме за концертот. Заинтересираност има повеќе отколку што очекувавме и сме горди на тоа. Ве очекуваме сите да дојдете на 16ти јули во Битола, вели Никола Стојановски, гитарист во бендот.
На сцената, покрај членовите на „Инструментал Бенд“, ќе настапат и неколку истакнати македонски музичари, меѓу кои Анета Љумаковска, Димитар Андоновски, Ламбе Алабаковски, Ѓоко Јовиќ, Бојан Стојков и Николче Мицевски. Заедно ќе испратат силна музичка и човечка порака, обединувајќи го звукот, пријателството и вредностите што групата ги негува цели две децении.
Со своето автентично звучење, професионализам и посветеност, „Инструментал Бенд“ останува еден од најпрепознатливите состави на домашната музичка сцена. Јубилејниот концерт во Битола претставува круна на нивната досегашна работа, но и симболично ново поглавје во нивната музичка приказна.