Во ресторанот WOOHOO храната засега ја подготвуваат луѓе, но сè останато – од менито до амбиентот и услугата – е дизајнирано од кулинарски модел базиран на вештачка интелигенција наречен Шеф Ајман.
Ајман, спој на зборовите „AI“ (вештачка интелигенција) и „man“ (човек), е обучен врз основа на децении истражување во науката за исхрана, податоци за молекуларниот состав и повеќе од илјада рецепти од различни кулинарски традиции од целиот свет, изјави Ахмет Ојтун Чакир, еден од основачите на ресторанот WOOHOO.
Иако Ајман не може да проба, мириса или комуницира со јадењата како вистински готвач, тој функционира така што ги разложува јадењата на нивните основни елементи – како текстура, киселост и слично – а потоа ги составува повторно во необични комбинации на вкусови и состојки, велат неговите програмери.
Тие прототипови потоа ги усовршуваат човечки готвачи кои ги дегустираат комбинациите и даваат повратни информации, во процес кој го предводи познатиот дубајски готвач Рајф Отман.
„Нивните одговори на моите предлози ми помагаат да го унапредам разбирањето за тоа што функционира надвор од рамките на самите податоци“, објасни Ајман во интервју за интерактивен AI модел.
Како што тврдат креаторите на Ајман, целта не е да се замени човечкиот фактор во кујната, туку да се унапреди.
„Човечкото готвење нема да биде заменето, но веруваме дека (Ајман) ќе ги подобри идеите и креативноста“, рече Ојтун Чакир, кој воедно е и главен извршен директор на угостителската компанија Gastronaut.
Ајман е осмислен така што развива рецепти кои повторно ги користат состојките што рестораните инаку ги фрлаат – како остатоци од месо или маснотии, додаде тој.
На подолг рок, основачите на WOOHOO веруваат дека Ајман би можел да добие лиценца за примена во ресторани низ целиот свет, со што би се намалил отпадот во кујните и би се подобрила одржливоста./Извор:Makfax