Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

„Убавината на скршените нешта“: книга која ги расплакува читателите… но воедно и им ја враќа вербата.

Инспирирана од делумно вистинска приказна за неплодноста. За вербата. За љубовта. Оваа книга е прегратка која им е очајно потребна на многумина.

Распродаден првиот тираж од „Убавината на скршените нешта“. Во време кога 1 од 6 парови со соочуваат со неплодност, оваа книга е 1 во 1.000.000.

Речиси е распродаден првиот тираж од книгата која изминатиов месец ги воодушевува читателите од сите генерации. „Убавината на скршените нешта“: инспирирана од делумно вистинска приказна. Оваа книга е прегратка која очигледно им била очајно потребна на многумина.

Толку длабоко човечки роман, толку суштински, толку емотивен и неопходен во времето во кое живееме, што од Саемот на книгата не се поминати ни два месеци, а издавачката куќа веќе го подготвува второто издание. Денес, кога 1 од 6 парови се соочуваат со некоја форма на неплодност, оваа книга е задолжително четиво. А сепак безвременско. Исполнета со срцепарателна болка, но и бескрајна надеж, сурови медицински факти, но и потполна верба, која не прифаќа бројки и црни прогнози.

Ова не е само книга за неплодност. Ова е книга за верата среде битката која се бие во тишина, зад затворени врати. За љубовта, кога престанува да биде лесна и слатка. И за одбивањето да кренеш раце кога сѐ почнува да се распаѓа.

Голем број читатели веќе ја опишуваат како „најубавата книга што сум ја прочитал/а во животот“, „незаборавна“, „неописливо емотивна“, но еден од најмоќните коментари кој постојано се сретнува на социјалните мрежи е: „Книга која ти го крши срцето, а потоа полека, нежно, го составува, го исцелува.“

„Убавината на скршените нешта“ е долго очекуваната деби книга на Ивана Спасев – главен уредник и сопственик на една од најуспешните издавачки куќи во земјата. Со над 450 светски бестселери во своето портфолио, издавачката куќа САКАМ КНИГИ е позната по одличниот сенс за селекција на книжевни хитови, а главната уредничка повторно покажа дека има длабоко разбирање за тоа што значи незаборавна приказна – приказна која останува со тебе долго по читањето.

„Чудно е, реално. Како ми поминаа илјадници книги низ раце во изминатите 15 години и како најдов време да уредам стотици туѓи во тој период, а никогаш не стигнав да ја напишам мојата приказна, која толку долго вриеше во мене…“ вели Спасев, бидејќи оваа храбра и неверојатно емотивна приказна е инспирирана од нејзиното лично болно животно патешествие. Напишана со интензитетот, емоциите и автентичноста кои ја дефинираат целата нејзина кариера, ова не е само деби книга. Ова е приказна која ѝ било судено да ја раскаже.

Читателите се пронаоѓаат во главните ликови, Ирис и Итан, се вљубуваат во нив, сочувствуваат со нив и деновиве постојано ја прашуваат авторката: „Колку од тебе има во Ирис, а колку од твојот сопруг во Итан?“

„Ова е прашање кое ми го поставуваат често во последно време. И да ме прашаше некој пред да почнам да ја пишувам, ќе речев: Па тоа сме ние. Но уште по првите неколку поглавја, почнав да сфаќам дека иако ликовите се инспирирани од нас, тие сепак се комплетно одвоени и свои. Не би било чесно да речам Тоа сме ние, кога тие преживуваат толку повеќе од нас. Затоа што јас, на некој начин, ги искористив нив за да покажам дека од лошото, има и полошо; од тешкото, и понезамисливо; од болното, и поболно. Ги однесов до пеколот и назад и неизбежно беше во текот на тој долг, болен пат да се развијат во потполно нови, свои луѓе. И покрај тоа, срцето на Ирис секогаш ќе биде моето срце. Нејзината мајчинска љубов, секогаш ќе биде мојата љубов. А срцето на Итан, секогаш ќе биде срцето на мојот сопруг, чисто и силно. И нивната болка од онаа прва половина на книгата, засекогаш ќе остане и наша болка“, вели таа.

На прашањето што би сакала читателот да почувствува кога ќе ја затвори последната страница, таа вели: „Она што се борев да го почувствувам јас со години, а беше толку тешко. Непоколеблива надеж рака под рака со цврста верба дека на крајот сѐ ќе биде добро, под превез од утеха и охрабрување. Си замислувам дека некоја личност таму некаде, девојка, две, пет, жена, триесет жени, мажи, некој ја затвора последната страница со мала блажена насмевка на усните, ја спушта прочитаната книга врз градите и си шепоти: ‘Не сум сам/а, не сме само ние… Имај верба, ќе биде во ред. И нашето ќе дојде, знам. Господ е голем.’“

Приказна за секој кој почувствувал болка, за секој кој се прашува како ли да продолжи понатаму кога животот едноставно не е онаков каков што си замислувал дека ќе биде. Книга која ни ги отвора очите и нѐ учи како да го чуеме она што зборовите не го кажуваат, како да го видиме она што боли зад маската на рамнодушност и насмевка. Како да ги препознаеме луѓето кои сѐ уште се надеваат, иако можеби веќе чуле дека нема повеќе надеж.

„Таа не пишува, таа убива со зборови…“ вели една читателка. „Длабоко трогателна. Прекрасно напишана. Те менува, тебе и твојот живот, од корен, дури и без да почувствуваш“ – вели друга. „Книга за секој што некогаш се надевал на чудо…“