Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
photo created by AI
СВЕТ

Планиран терористички напад во Германија: уапсен маж од БиХ

Припадници на специјалната полициска единица уапсија 27-годишен маж од босанско потекло во Есен во раните утрински часови под сомнение за планирање терористички напад.

Според официјалните полициски информации, акцијата е дел од поширока истрага за финансирање тероризам и организирана измама, која трае веќе неколку недели, објавува „Билд“.

Истражителите го следеле осомничениот со недели и утрово, со помош на специјални сили и дополнителни полициски единици, биле извршени претреси во Есен, Дортмунд, Диселдорф и во Зест. Според официјалните полициски информации, биле конфискувани електронски уреди и други медиуми што би можеле да содржат важни информации за истрагата.

Главната обвинителка Александра Визе објасни дека финансирањето на тероризмот е поврзано со лажно купување и препродажба на скапа електронска опрема.

„Проценуваме дека на овој начин веќе е собрана најмалку петцифрена сума во евра“, рече Визе.

Полицијата соопшти дека поради сериозноста на ситуацијата, постои сомневање дека се подготвува напад со огнено оружје.

Уапсениот маж, за кој се тврди дека има воена обука, живее во Есен. Вториот осомничен е во Дортмунд, а истражителите ги претресле и куќите на нивните познајници, кои во моментот се сведоци, но нивниот статус може да се промени. Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, изјави за „Билд“: „Нашата полиција не се двоумеше, тие спречија можни терористички активности пред да биде предоцна. Секој што планира тероризам во нашата земја мора да очекува дека специјалните сили ќе му затропаат на вратата, и тоа навреме“./Извор:Makfax