Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера се сретнаа во Белата куќа, каде што разговараа за напорите за завршување на конфликтот во Газа, преговорите со Иран и иницијативата за преселување на Палестинците од Појасот Газа.
На почетокот на работната вечера со американски и израелски претставници, Нетанјаху рече дека САД и Израел ја разгледуваат можноста за преселување на Палестинците од Газа во соседните земји за да им се обезбеди „подобра иднина“. Тој рече дека оние кои сакаат да останат можат да останат, но оние кои сакаат да заминат треба да имаат можност.
„Мислам дека сме блиску до наоѓање неколку земји“, рече Нетанјаху, без да прецизира кои земји би биле подготвени да ги прифатат Палестинците. Трамп потврди дека САД работат со соседите на Израел по ова прашање, истакнувајќи дека тие покажуваат соработка.
Средбата во Вашингтон се одржа во време кога израелските претставници, со посредство на САД, преговараат со Хамас за прекин на огнот и ослободување на преостанатите израелски заложници. Пред да пристигне во САД, Нетанјаху рече дека разговорите со Трамп би можеле да помогнат во напорите што се во тек во Доха, главниот град на Катар.
Трамп, исто така, рече дека неговата администрација договорила директни разговори со Иран „во текот на следната недела“, откако Техеран претрпе големи загуби во неодамнешниот конфликт. Тој додаде дека би сакал да ги укине санкциите врз Иран „во вистинско време“.
Вториот ден од разговорите во Катар вчера беше обележан со продолжување на индиректните разговори меѓу израелските и палестинските претставници. Палестински извори велат дека главната пречка е одбивањето на Израел да дозволи слободен и безбеден влез на хуманитарна помош во Газа.
Предлогот на САД повикува на постепено ослободување на заложниците, повлекување на израелските трупи од делови од Газа и финални разговори за завршување на војната. Трамп минатата недела изјави дека ќе биде „многу цврст“ во своето барање за договор за Газа и дека Нетанјаху исто така сака да се стави крај на војната.
Трамп и Нетанјаху се сретнаа по трет пат откако Трамп ја презеде функцијата во јануари. Наместо традиционалниот состанок во Овалната соба, вечерата се одржа во Сината соба на Белата куќа. За време на состанокот, Нетанјаху му предаде на Трамп писмо за кое рече дека го номинирал за Нобелова награда за мир.
Војната во Газа трае од октомври 2023 година, кога Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник. Повеќе од 57.000 Палестинци се убиени во израелски напади, според Министерството за здравство на Газа. Околу половина милион луѓе се изложени на ризик од глад, според ОН./Извор:Makfax