Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото МВР
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Со Тошковски МВР наместо заштитник на граѓаните, стана синоним за скандали и партиска послушност

Ссоопштение на СДСМ:

Денешниот отчет на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е далеку од реалната состојба во државата – туку уште еден обид за бегање од вистината. А вистината е дека за една година Македонија е далеку од држава во која владее ред, правда и одговорност, како што сака да прикаже Тошковски.

За една година, безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена – Македонија гори од насилство, убиства по улици, пресметки на криминални групи и безредие.

Државата западна во безбедносна, институционална и морална криза. По улиците се случува општ хаос. Нема ден, а да нема убиство, тепачка, сообраќајка.

Криминалците се шетаат слободно, а институциите, предводени од неспособни кадри, не можат да гарантираат ни основна сигурност.
Наместо заштитник на граѓаните, Министерството за внатрешни работи се претвори во синоним за скандали, злоупотреби и партиска послушност.

Ни се случи најголемата трагедија во историјата – пожарот во дискотеката „Пулс“ во која животот го изгубија 62 млади лица и над 200 се повредени. Тошковски во ниту еден момент не покажа дека правдата за оваа трагедија ќе биде неселективна.

Има ли појасен доказ за селективна правда, за партизираност и сервилност на МВР од тоа што ниту еден полициски службеник не беше прогласен за одговорен за кобната ноќ, сè додека граѓаните, семејствата и родителите на жртвите од Кочани не го кренаа својот глас и не излегоа на улица?

Сведоци бевме на серија убиства што се случија само во Скопје – убиство во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Убиство во кафе-бар во Штип, каде странски државјанин пукал, убивал, па бегал и пукал дури и на патарина.

Разбојништвото и кражбите станаа секојдневие, се фрлаат бомби во дворови на граѓани. За ваква ли безбедност и ред зборува Тошковски јавно на прес-конференција, кога граѓаните не се чувствуваат безбедни ниту надвор, ниту дома?

Од друга страна, Тошковски ја изгуби и контролата над границите. Косовската граница стана канал за бегство на криминалци, без никакви проверки. Скандал на скопскиот аеродром – лице од обезбедување на функционер нападна полицаец и се закануваше со пиштол. Одговорност? Никој не понесе.

За каква борба против корупција зборува Тошковски, кога додели скандалозен тендер вреден речиси 4 милиони евра, на две сомнителни фирми за униформи за специјалните единици. Фирма без портфолио, без искуство, без капацитет, без седиште – доби милионски договор.
За каква одговорност зборува Тошковски, кога бодигардот на премиерот тепаше полицаец пред угостителски објект во Скопје, а министерот го заштити и го ослободи од одговорност. Од друга страна, бодигардот на премиерот беше фатен во скандал со 50.000 евра за издавање на службена тајна.

Другиот бодигард,на претседателот на Собранието, не само што направи скандал на меѓународниот аеродром, туку тој истиот наместо да нè заштити, нападна своја колешка полицајка.

За каква професионализација на безбедносните служби зборува, кога првите најважни началници – едниот на Бирото за јавна безбедност наместо да се грижи за нашата безбедност, е незаконски назначен, а другиот началник има фалсификуван документ/сертификат.

Ова што се случува во МВР е скандал до скандал – потврда за опасноста од партизација на институциите, што доведува до ерозија на правниот систем и загрозување на безбедноста на граѓаните.