Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Со ребалансот власта ја признава економската катастрофа – 0 проекти, 0 резултати

Предложениот ребаланс на буџетот претставува обид на власта да ги прикрие сериозните пропусти во управувањето со јавните финансии и непланираните расходи, што отвора пат за дополнително задолжување и загрозување на економската стабилност. Ваквата политика ќе го отежне економското функционирање на граѓаните и бизнисите, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа за ребалансот на буџетот.

Тој потенцираше дека ова е прв ребаланс на буџетот кој се прави на буџет што го создаде ВМРО-ДПМНЕ и со него имаме ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината, што претставува дополнителни 4% од бруто домашниот производ (БДП) и што ќе ја пробие критичната граница од 60% јавен долг во однос на БДП, поставувајќи во ризик иднината на државата и граѓаните.

„Власта се обидува да ја прикаже состојбата во државата како идеална, особено во пресрет на локалните избори, но реалноста е далеку од тоа. Без јасна и долгорочна економска стратегија, само се продлабочуваат проблемите, а ребалансот претставува краткорочно решение кое ја зголемува неизвесноста кај граѓаните и стопанството“, рече Спасовски.

Тој додаде дека нема конкретни мерки кои би ја стимулирале инвестициите и би ја подобриле животната состојба. Наместо тоа, се продолжува со политика која создава конфузија, ризик од поголемо задолжување и сериозна финансиска нестабилност.

Во однос на капиталните инвестиции, Спасовски посочи дека реализацијата до 12 јуни изнесува само 23% од планираните расходи, што не гарантира ветениот инвестициски циклус и развој на економијата.

Покрај тоа, нема видливо зголемување на средствата за реформи во правосудството и институциите задолжени за борба против корупцијата, а независноста на институциите е сериозно загрозена.

„Финансиската поддршка за малите и средните претпријатија е скратена за 900 милиони денари, а неплатените буџетски обврски се околу 700 милиони евра, што ја зголемува финансиската нестабилност и создава дополнителни ризици“, потенцираше Спасовски.

Тој постави и клучно прашање: дали во ребалансот се обезбедени средства за исплата на финансиската поддршка и како ќе се сервисира тој долг? Владата и Министерството за финансии треба јасно да дадат одговори за тоа како ќе ги сервисираат долговите, како ќе ја подобрат реализацијата на капиталните инвестиции и како ќе го зајакнат правосудството и институционалната независност.

„Без конкретни и долгорочни решенија, економската стабилност и развојот на земјата остануваат загрозени. До крајот на годината нема да има никакви значајни промени, затоа што ребалансот е само обид за одржување на илузијата за развој. Политиката на ‘купи ден, продади ден’ останува доминантна, а резултатите се 0 проекти, 0 резултати и 100% изговори“, потенцираше Спасовски.