Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Маск жестоко го нападна законот на Трамп: „Ќе изгубат, дури и ако ми е последно“

По објавувањето на неговото повлекување од политичкиот свет, милијардерот и основач на Тесла, Илон Маск, речиси веднаш се врати во центарот на вниманието на американскиот политички свет.

Додека американскиот Сенат вчера дебатираше за „Големиот прекрасен закон“ (One Big Beautiful Bill Act) на Трамп пред конечното гласање, Маск издаде неколку остри предупредувања и закани преку својата социјална мрежа Икс.

„Големиот прекрасен закон“ на Трамп е клучна законска иницијатива на неговата администрација, насочена кон големи даночни олеснувања и намалувања во социјалните програми.

Законот предвидува трајно продолжување на намалувањата на даноците од 2017 година, елиминирање на даноците за бакшиш и прекувремена работа и зголемување на одбитоци за постарите граѓани. Во исто време, ги заострува условите за користење на социјални програми како што се Медикејд и СНАП и ги намалува стимулациите за зелена енергија и електрични возила.

Иако Трамп тврди дека законот ќе го поттикне економскиот раст, независните проценки предупредуваат дека тој би можел да го зголеми националниот долг за повеќе од 3,3 билиони долари во следната деценија. Законот предизвика длабоки политички поделби околу неговото фаворизирање на богатите и намалувањата на социјалното осигурување.

Маск напиша неколку објави на Икс за време на дебатата за новиот закон, а во еден дури се закани дека конгресмените ќе изгубат во предизборната трка следната година.

„Секој член на Конгресот кој водеше кампања за намалување на владините трошоци, а потоа веднаш гласаше за најголемото зголемување на долгот во историјата, треба да се срами од себе! И ќе ја изгубат предизборната трка следната година, дури и ако тоа е последното нешто што го правам во мојот живот“, напиша тој.

Неколку часа подоцна, тој отиде уште подалеку, објавувајќи на Икс дека ако „лудиот закон за трошење биде усвоен, партијата на Америка ќе биде основана веќе следниот ден“.

„На нашата земја ѝ е потребна алтернатива на демократско-републиканската еднопартиска влада за народот конечно да може да има ГЛАС“, напиша тој.

Маск со недели беше жестоко критичен кон предлог-законот на Трамп, што доведе до многу јавна и жестока конфронтација со Трамп претходно овој месец. Во серија објави на Икс пред неколку недели, Маск предложи формирање нова политичка партија.

Таа сугестија повторно се појави вчера, кога Маск рече: „Јасно е дека со ова лудо трошење, кое го зголемува плафонот на долгот за рекордни пет билиони долари, живееме во еднопартиска држава! Време е за нова политичка партија на која навистина ѝ е грижа за народот“./Извор:Makfax