Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
photo created by AI
СВЕТ

Повеќе од 140 жени нападнати со шприцеви за време на музички фестивал во Франција

Серија напади со шприцеви се пријавени за време на популарниот музички фестивал „Fete de la Musique“, кој се одржува во голем број француски градови.

Француското Министерство за внатрешни работи објави дека досега 145 жени поднеле кривични пријави за прободување со непознати супстанции, а многу од жртвите се тинејџерки.

Најголем број случаи е регистриран во Париз, каде што најмалку 21 девојка пријавила дека биле нападнати.

Фестивалот „Fete de la Musique“ започна во Париз во 1982 година и сега се слави низ цела Европа. Сепак, оваа година прославите беа засенети од насилство.

Покрај Париз, инциденти се регистрирани и во Асниер-сур-Сен, каде што осум млади жени беа избодени на градскиот плоштад. Шест од нив поднесоа пријави, а сите добија медицинска помош. Слични напади се случија и во градови како Мец и Гренобл.

Некои од жените кои биле нападнати биле однесени во болница поради симптоми како што се гадење, каде што во моментов се спроведуваат токсиколошки тестови. Сè уште не е познато што имало во шприцовите. Истражителите не ја исклучиле можноста за организирани напади, бидејќи наводно имало повици за такви акции на социјалните мрежи.

Досега се приведени 12 осомничени. Четири лица осомничени за инјектирање на околу 50 лица се уапсени во западниот француски град Ангулем. Истрагата е во тек, а властите ги повикуваат граѓаните да бидат внимателни, особено за време на големи собири./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.