Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ го предупредува Иран: Затворањето на теснецот низ кој минува нафтата би било исклучително опасно

Високaта претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, предупреди дека затворањето на Ормутскиот теснец би било исклучително опасно и нема да биде добро за никого.

„Постои голема загриженост за можноста за одмазда и ескалација на војната, особено ако Иран го затвори Ормутскиот теснец, што би било исклучително опасно и не би било добро за никого“, изјави Калас пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи, на кој главна тема ќе биде ситуацијата на Блискиот Исток.

Ормутскиот теснец, кој го поврзува Персискиот залив со Индискиот Океан, е најважниот светски премин за транспорт на нафта. Низ него поминува околу 20 отсто од глобалната побарувачка за нафта и гас.

Министрите разговараа за Иран и пред официјалната средба за време на работниот појадок.

„Министрите се многу фокусирани на дипломатско решение и постои голема загриженост за можноста за одмазда и ескалација на војната“, рече високиот претставник.

На 13 јуни Израел изврши напади врз иранските нуклеарни постројки, на што Иран возврати со напади на израелска територија. Во конфликтот се вмешаа САД, кога пред два дена ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки.

Министрите ќе разговараат и за извештајот на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), која заклучи дека има индиции дека Израел го прекршува членот 2 од договорот со Европската унија. Тој член ги регулира трговските односи меѓу Израел и ЕУ и предвидува односите да се засноваат на почитување на човековите права и демократските вредности.

Во ЕУ нема единство што да се прави во врска со тој извештај. Војната меѓу Израел и Иран, во која се вклучија САД, го оттргна вниманието од однесувањето на Израел во Газа. Тие најверојатно ќе го забележат извештајот без да преземат конкретни мерки против Израел.

Министрите ќе разговараат и за натамошна поддршка за Украина./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.