Кина ги обвини Соединетите Американски Држави дека ја прекршуваат Повелбата на Обединетите нации со нивните напади врз иранските нуклеарни постројки и ги предупреди сите страни вклучени во конфликтот да спречат понатамошна ескалација.
„Американските напади врз иранските нуклеарни постројки сериозно ги кршат целите и принципите на Повелбата на ОН и дополнително ги влошуваат тензиите на Блискиот Исток. Советот за безбедност на ОН не може да стои настрана“, рече Лин Џијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на брифинг со новинарите.
Лин рече дека Кина, Русија и Пакистан предложиле нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН со која се повикува на „итен и безусловен прекин на огнот“.
„Заедно испративме порака за правда која ја одразува силен апел до меѓународната заедница“, рече Лин.
„Се надеваме дека членовите на Советот заеднички ќе ја поддржат нацрт-резолуцијата и ќе му овозможат на Советот за безбедност да ја одигра својата улога во зачувувањето на меѓународниот мир и безбедност“.
Лин додаде дека „Кина ги повикува страните во конфликтот да спречат ескалација на ситуацијата“ и рече дека Пекинг е „подготвен да соработува со сите добронамерни актери со цел да се подобри комуникацијата и координацијата и да се работи конструктивно за враќање на мирот на Блискиот Исток“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера ја повика Кина да влијае на Иран за да не го затвори Ормутскиот теснец по нападот на Вашингтон врз иранските нуклеарни локации. Рубио го упати повикот до Кина, откако иранската Прес ТВ објави дека иранскиот парламент одобрил затворање на Ормускиот теснец, низ кој тече околу 20 отсто од глобалната нафта и гас./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...