Уредникот на Цивил медиа, Фронтлајн и Новатв.мк, Џабир Дерала, вчера соопшти дека Апелациониот суд во Скопје ја потврдил пресудата против него во тужбата на премиерот Христијан Мицкоски, своевремено поднесена преку неговиот тогашен адвокат и сега актуелен министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
За Дерала, пресудата ја покажува длабоката испреплетеност меѓу политичката моќ и судството во земјата.
„Повеќе од две години бев предмет на политички мотивиран судски процес, покренат од Христијан Мицкоски – тогашен лидер на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, а сега премиер на Република Северна Македонија. Тужбата се однесуваше на текст што беше преземен од други медиуми. Судскиот процес го водеше лично неговиот близок соработник и денешен министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Уште пред да ја поднесе тужбата, Мицкоски ме нападна на социјалните мрежи со клевети и навреди, што предизвикаа говор на омраза и закани со ликвидација. Со тие напади го наруши не само мојот углед и угледот на редакциите во кои работам, туку директно ја загрози и мојата безбедност“ вели Дерала.
Според него ваквите постапки се директен удар врз слободата на медиумите, слободата на изразување и правото на критика во едно демократско општество.
Дерала ги повика меѓународната заедница, домашните институции и сите бранители на демократијата да бидат будни и гласни против злоупотребите на моќта, додавајќи дека нема да се откаже од пласирање на вистината.
„Замолчувањето на критичките гласови само ја продлабочува кризата на демократијата. Мојата решеност да ја бранам слободата на изразување, човековите права и демократските вредности е посилна од кога било“ вели Дерала.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...