Апелациониот суд во Скопје вчера ја потврдил пресудата за уредникот на Цивил медиа, Фронтлајн и Новатв.мк, Џабир Дерала по тужба од актуелниот премиер Христијан Мицкоски.
Дерала по тој повод во изјава за јавноста вели дека тужбата и пресудата се со цел да се замолчи критичката мисла преку институционален прогон.
„Повеќе од две години бев предмет на политички мотивиран судски процес, покренат од Христијан Мицкоски – тогашен лидер на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, а сега премиер на Република Северна Македонија. Тужбата се однесуваше на текст што беше преземен од други медиуми. Судскиот процес го водеше лично неговиот близок соработник и денешен министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Уште пред да ја поднесе тужбата, Мицкоски ме нападна на социјалните мрежи со клевети и навреди, што предизвикаа говор на омраза и закани со ликвидација. Со тие напади го наруши не само мојот углед и угледот на редакциите во кои работам, туку директно ја загрози и мојата безбедност“ вели Дерала.
Овие постапки и во јавниот простор и преку институциите, додава тој, се директен удар врз слободата на медиумите, слободата на изразување и правото на критика во едно демократско општество.
Но, и покрај пресудата, Дерала вели дека нема да биде замолчен туку дека ќе продолжи да ги брани демократските вредности.
„Злоупотребата на институциите за замолчување на новинарите и активистите е белег на авторитаризам, а не на демократија. И покрај политичкиот притисок и обидите за заплашување преку исцрпувачки судски процес, останувам цврсто посветен на вистината, транспарентноста и демократските вредности. Овој случај не е само против мене лично – тој е напад врз секој што има храброст да ѝ се спротивстави на неправдата и да ја критикува власта. Ги повикувам меѓународната заедница, домашните институции и сите бранители на демократијата да бидат будни и гласни против ваквите злоупотреби на моќта. Замолчувањето на критичките гласови само ја продлабочува кризата на демократијата. Мојата решеност да ја бранам слободата на изразување, човековите права и демократските вредности е посилна од кога било“ вели Дерала.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...