Во руските напади извршени во текот на ноќта врз централна Украина загинаа пет лица, а причинета е значителна материјална штета, соопштија регионалните власти во неделата.
Индустрискиот регион Дњепропетровск беше нападнат со дронови, артилерија и ракетни системи, при што беа уништени објекти и електрични далекуводи, пренесува „Киев Пост“.
„Напаѓачите го гаѓаа Синелниковскиот округ со наведувана воздушна бомба. Еден маж загина“, изјави претседателот на Обласниот совет на Дњепропетровск, Микола Лукашук, додавајќи дека во нападот биле оштетени и пет приватни куќи и едно детско градинче.
Во Никополскиот округ биле оштетени деловен објект, четири куќи и електрични далекуводи, наведува „Киев Пост“.
Регионот Дњепропетровск беше цел и пред неколку дена, кога руски сили нападнаа воени објекти за обука, при што загинаа 12 украински војници.
„Украинска правда“ јавува дека во руските напади во саботата биле убиени четворица цивили во Доњецката област: двајца во Јаблуновка, еден во Костјантивка и еден во Сиверск.
Дополнително, уште девет лица биле повредени во текот на денот во истиот регион.
Руската војска извршила 555 напади врз 16 населени места во Запорошката област во последните 24 часа, соопшти утрово шефот на Воената управа на Запорожје, Иван Федоров.
Во објава на „Телеграм“, Федоров наведе дека руските сили извршиле еден ракетен напад врз Хригоривске и шест воздушни напади врз Орехово, Новоандријевка, Мала Токмачка и Чаривне. Тој додаде дека 320 беспилотни летала од различни типови ги нападнале местата Биленке, Јуркивка, Лобкове, Камјанскабачка, Хули Скопље, П. Новоданиловка, Мала Токмачка, Чаривне и Новодаривка. Исто така, според него, извршени се 10 напади врз Новојаковливка, Хуљајполје, Чаривне, Мала Токмачка, Новоандријевка, а под удар биле и Новодаривка и Роботине, пренесе Укринформ.
Пријавени се осум случаи на оштетени станови, приватни куќи и објекти од инфраструктурата. Претходно беше соопштено дека 63-годишен маж бил повреден во руски напад во Приморск./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...