Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на Првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда, кој се одржа во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во коорганизација на Министерството за европски прашања и Институтот за европска политика (ЕПИ). Во воведното обраќање, МЕП Муртезани рече дека овој состанок претставува нов начин на градење консензус за суштински реформи.
„Како што нагласив неодамна „Реформската агенда не е само технички документ, таа е мапа на трансформација, визија за иднината преточена во конкретни чекори, рокови и резултати, за чија реализација потребна е обединетост и вклученост и на државните институции и граѓанскиот сектор.“ Ние веќе сме во завршна фаза на дефинирање на националната структура која ќе работи на спроведување на РА, која на политичко и оперативно ниво ќе го координира целиот процес и ќе гарантира институционална кохерентност. Денес, нашата визија добива и своја структура преку овој Национален механизам кој ќе обезбеди транспарентно, инклузивно и евиденциски засновано следење на реформите. Преку овој механизам, всушност ја отвораме вратата за системски дијалог меѓу институциите, граѓаните, научната и бизнис заедницата.“
Во продолжение следи интегралниот текст од обраќањето на МЕП Муртезани:
Почитувана директорке Кацарска, почитуван заменик шеф на мисијата на ЕУ во Северна Македонија, драги претставници на институциите, на граѓанските организации, почитувани присутни овде и оние кои што нѐ следат он-лајн,
Овој Прв состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда, претставува форум кој не е само нова платформа, туку и нов начин на градење консензус за суштински реформи. Како што нагласив неодамна „Реформската агенда не е само технички документ, таа е мапа на трансформација, визија за иднината преточена во конкретни чекори, рокови и резултати, за чија реализација потребна е обединетост и вклученост и на државните институции и граѓанскиот сектор.“ Ние веќе сме во завршна фаза на дефинирање на националната структура која ќе работи на спроведување на РА, која на политичко и оперативно ниво ќе го координира целиот процес и ќе гарантира институционална кохерентност.
Денес, нашата визија добива и своја структура преку овој Национален механизам кој ќе обезбеди транспарентно, инклузивно и евиденциски засновано следење на реформите. Преку овој механизам, всушност ја отвораме вратата за системски дијалог меѓу институциите, граѓаните, научната и бизнис заедницата. Тоа не е само административна неопходност, туку патот кон создавање реформска култура која се темели на доверба, отчетност и заеднички цели. Со други зборови, тоа е амбициозен обид да ја претвориме европската перспектива во конкретна реалност за нашите граѓани преку владеење на правото, енергетска транзиција, дигитална трансформација, унапредување на човечкиот капитал и доброто управување – пет столба кои не се паралелни, туку меѓусебно зависни и синергетски поврзани.
Реформска агенда 2024–2027 на Северна Македонија е веќе препознаена во Брисел, не како политичка реторика, туку како сериозен реформски напор. Ние покажавме дека реформите не се апстрактна заложба, туку конкретна пракса. Исполнети се сите пет иницијални реформски чекори предвидени до февруари оваа година, вклучувајќи го новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, подзаконските акти од Законот за буџети, реформите во изборот на управни органи на државни компании, и кадровските решенија во судството. Како потврда на нашата водечка улога во регионот во овој контекст, веќе поднесовме барање за ослободување на 17,1 милиони евра од ЕК.
Овие мерки се само дел од Реформската агенда, која носи дополнителен финансиски поттик од 750 милиони евра за Северна Македонија. Дел од овие средства се за директна буџетска поддршка, а значителниот дел е наменет за инвестициски проекти и социо-економски развој, со јасна врска меѓу реформите и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Паралелно, веќе се работи на 16 нови чекори со рок до јуни 2025 година, вредни над 70 милиони евра. Сето ова докажува дека веќе почнуваме да ги чувствуваме придобивките од членството уште пред формално да станеме земја членка на Европската Унија.
Нашата обврска не е само техничка, туку и комуникациска и политичка. Затоа го истакнувам Планот за комуникација и видливост, кој обезбедува транспарентност, двонасочна комуникација и дигитална платформа за информирање на јавноста. Напредокот не се мери само со број на закони, туку со разбирање и учество. Овој механизам е мост кон „координативна легитимност“, кога реформите се прифатени од сите засегнати. Реформите се долгорочни и бараат партнерство. Како национален координатор, моја обврска е да обезбедам инклузивност и отчетност. Преку овој Механизам ќе имаме дијалог и јасна слика за нашиот напредок.
Затоа, да го искористиме овој Прв состанок како поттик за нова етапа на дејствување. Да покажеме дека Северна Македонија, подготвувајќи се за полноправно членство во Унијата, се позиционира како проактивен чинител во регионот кој ги предводи реформите со интегритет, визија и зрелост. Посебна благодарност упатувам до Европската комисија и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија за континуираната поддршка и партнерство.
Ви благодарам за вниманието.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...