Соопштение на Левица:
Од вкупно поднесените 11 амандмани по Предлог-законот за енергетика од страна на пратениците од Левица, само четири беа прифатени. Амандманите коишто беа поднесени, главно се однесуваа на:
• Заштита на енергетските капацитети како стратешка државна цел и обврзување на Владата за преземање контрола врз енергетскиот пазар, демонополизација на пазарот на енергија спречување на олигополска злоупотреба;
• Зголемување на транспарентноста, одговорноста и надзорот врз работата на Регулаторната комисија за енергетика;
• Заштитата на потрошувачите во процесите на мерење, фактурирање и наплата на електрична енергија;
• Воведување на реални и пропорционални санкции за операторите кои ги прекршуваат законските обврски.
– Амандманите коишто се однесуваа на заштита на потрошувачите од нереално високите сметки за електрична енергија – не беа прифатени.
– Исто така, беа одбиени и амандманите коишто се однесуваа на обврзување на Владата за преземање контрола над енергетскиот пазар.
– Мнозинството и министерката за енергетика го одбија и амандманот за искоренување на нелогичноста со која членови на Регулаторната комисија одлучуваат дали некој член или самите тие несовесно, нестручно ја вршеле или злоупотребиле функцијата. Пратениците од Левица по однос на ова прашање предложија ваквите околности да може и Собранието, односно член на Комисијата за прашањата и именувањата да ги утврди.
– Се одби и амандман кој се предложи со цел да се овозможи бесплатна правна заштита за граѓаните како засегнати страни при донесувањето на одлуки и решенија од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
– Беа прифатени амандмани коишто се однесуваа на пријавите за можен судир на интереси кај членовите на Регулаторната комисија за енергетика да се доставуваат и до Комисијата за прашањата на изборите и именувањата при Собранието.
– Беше прифатен и амандман со кој се предложи доколку операторот на електродистрибутивниот систем не ја извести Регулаторната комисја за остварен дополнителен приход – да биде казнет со 10% вкупниот годишен приход. Овој амандман беше мотивиран од бројните поплаки на граѓаните за нереално високи сметки, а за коишто причина беше паушалното фактурирање кое резултираше со акумулација на дополнителен приход за операторот, на штета на потрошувачите.
– Се прифати и амандманот поднесен од Левица со којшто се предвиди надминување на досегашната забрана за ревизија на усогласеноста на донесените подзаконски акти.
И покрај овие мали корекции, суштината на законот останува непроменета: Владата продолжува да го либерализира енергетскиот сектор, длабоко загрозувајќи го јавниот интерес и националната безбедност.
Овој закон е уште еден доказ дека актуелната власт нема ниту волја, ниту план да ги стави енергетските ресурси во функција на народот. Наместо тоа, со либерализацијата се создава простор стратешките капацитети да преминат во рацете на странски и домашни приватни актери, чија единствена цел е профитот, а не јавниот интерес.
Искуствата од други држави покажуваат дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија води до енормно поскапување, зголемена социјална нееднаквост и влошен квалитет на услугите. Тоа значи дека домаќинствата ќе бидат принудени да плаќаат повисоки сметки, додека државата ќе изгуби клучна алатка за економска независност.
Левица останува доследна на ставот дека енергетските ресурси мора да бидат под државна сопственост и контрола, во служба на граѓаните, а не како средство за богатење на мал број привилегирани корпорации.