Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: На спорното земјиште на ул. „Киро Крстевски-Платник“ ќе никне простор по мерка на граѓаните

Општина Центар ја расчисти спорната парцела зад зградата на улицата „Киро Крстевски – Платник“, каде што претходно беше лоцирана диво изградена конструкција.

„Имавме неколку средби со жителите од околните згради и ќе излеземе во пресрет на нивните барања. Просторот ќе добие намена која ќе биде во функција на граѓаните и по нивна мерка“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.

Станува збор за простор од приближно 500 м², кој по години неизвесност конечно премина во сопственост на Општина Центар. Благодарение на соработката со Комерцијална банка АД Скопје, која претходно ја имаше оваа парцела под хипотека, земјиштето беше донирано на локалната самоуправа.

Одлуката за прифаќање на донацијата беше едногласно изгласана од Советот на Општината. Со тоа се овозможи уривање на нелегално изградената градба, а Општината ги презеде сите активности за расчистување на теренот.

Следниот чекор е општинските служби, во соработка со локалните жители, да го дефинираат најдоброто решение за уредување на просторот. Целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, без нови градби и во согласност со потребите на граѓаните.