Осврнувајќи се на економската состојба, лидерот на СДСМ Венко Филипче во емисијата политикатни, вели дека економскиот стандард на граѓаните е срозен и дека власта нема волја нешто да преземе тој проблем да се надмине.
„Имаме раст на цената на струјата од 20 до 30%, парното 5% – брзо ќе помине летото и за час ќе се соочиме со многу силен притисок. Граѓаните го чувствуваат тоа, не може крај со крај да врзат. Сега повторно има серија на поскапувања и Владата повторно ништо не прави” вели Филипче.
Тој потсети дека за време на владеењето на СДСМ, дури и во економска и здравствена криза платите растеле, што не е случај сега.
„Нема слух за барањето на синдикатите за зголемување на платите, ниту на минималната, ниту на просечната плата. И зошто велам лошо менаџирање со институциите – премиерот и Владата велат нека се договорат работниците и работодавачите сами за платата, епа тогаш зошто е Владата? Ние во изминатите седум години направивме многу за различни социјални категории, за работниците. Ги зголемивме платите, водевме сметка за просечната, за минималната плата кои растеа и во најтешките времиња. Се субвенционираа работните места и компаниите и во најтешките кризи. Над 80 илјади работни места се зачуваа благодарение на нашите мерки. Енергетската криза се изменаџира без никој тоа да го почувствува. На луѓето сметките за струја не им се зголемија кога цената на гасот беше неколкукратно поголема”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој додаде и дека СДСМ поднел предлог закони за зголемување на платите, но тоа не било прифатено од мнозинството во Собранието.