28. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Сеќавање на крвавиот четврток или „вовед во Аушвиц“

Вчера беше 27. април, година 2025., ден недела. Поминаа осум години од „Крвавиот четврток“, и додека ги типкам овие зборови, се присеќавам на тие снимки од македонското Собрание, крвавата глава на Зоран Заев, Радмила Шекеринска како ја влече некој машки дивјак за коса и ја фрла на земја, пратеници кои се обидуваат да се симнат од галеријата, госпоѓи кои ги соблекле своите чевли, па во чорапи-најлонки се обидуваат да се симнат надолу… 

Во тоа сеопшто понижување на неистомислениците, оние кои не се „патриоти“ според строгата дефиниција на патриотизмот кој, секогаш го дефинираат некои примитивци и агресивци, има нешто кое потсетува на вовед во Аушвиц, има нешто кое потсетува на вовед во логор. 

Кога жена која се дотерала за одење на седница во Собрание ја натераш да ги соблече своите чевли и да се симнува од балкон, тогаш, молим лепо, тоа е вовед во Аушвиц. Се’ ова, разбирливо, го гледав на телевизија, а денес додека се присеќавам ми доаѓа мрак на очи. Потоа се присеќавам на некаков шеф на српска партија во Македонија што дава изјава. Во ноќта на ужасот, тој, имено (лидерчиќот), вели: „од проверени извори знае дека Ѓорге Иванов, претседателот на државата и спонзор (покровител) на овие кои шибаат и тепаат, вечерта се слушнал со Кремљ. И Кремљ, вели лидерчиќот, дава поддршка за ‘применети мерки’“. 

А „применети мерки“ значи воведување на вонредна состојба, така што теророт кон неистомислениците мора да биде формализиран, односно да стане легален и легитимен облик на општествено-политичкиот живот во земјата. 

Се разбира, тоа нужно подразбира дека патриотите ги тероризираат оние другите, ама никако обратно. Ако оние другите ги тероризираат патриотите, тогаш, според пореметените логики на патриотите, се работи за антидржавна и антинационална борба, тогаш тоа е агресија во која загрозена е целата нација и треба секој граѓанин да стане и’ се ангажира уште и меѓународната заедница. 

Не се сеќавам кој беше тогаш лидер на српската партија, можеби беше Стоилковиќ или така некое слично презиме, се сеќавам дека беше полн со себе, окуражен од некоја сила и некое чудно воодушевување во врска со официјален Кремљ. Неговото одушевување беше толку големо, така што Кремљ од неговите зборови ни се пристори за персонифицирана појава, како некаков супер-јунак и правдоносец чиј збор е пресуда, и чиј збор беспоговорно одредува што на овој свет е добро, а што зло, што е праведно, а што е неправедно.

И кога тој Кремљ рече дека претседателот Иванов треба да воведе вонредна состојба која, се разбира, подразбираше дека „секој свесен Македонец“ може да го рибичи својот предавник и својот Албанец, а предавникот и Албанецот не смеат да му возвратат, тогаш тоа е „единствена вистина“ на овој свет и век.

Сепак, во суштина, на Балканот, сите патриоти се исти. Постои, притоа, еден важен дел кај Примо Леви. Неколку книги имам прочитано од него, или поточно се’ што успеав да најдам од него а преведен е на наш јазик или поточно на сите наши јазици, и тамо, ми се чини, наидов на единствен Левиев јасно вербализиран чекор кон верата. Или чекор кон сомнежот на сопствениот атеизам. А што се однесува за тоа како Бог ја вреднува Левиевата честитост и скромност, или како Бог се однесува кон атеистите и нивните метафизички искази, тоа е нешто, кое, без разлика на моето непринципиелно неверување или неверништво, или можеби благодарејќи на него, често сум размислувал. 

Не верувам дека Бог, имено, ги презира атеистите и ужива во побожноста на оние кои секојдневно ги лижат олтарите, како што ни се претставуваат црквените централни комитети. Исто така, од каде тоа дека молитвата е само она кое го пропишала институцијата составена од луѓе кои пропишале дека токму тоа е молитва? Дали Примо Леви се молел на Бог, иако не верувал во Бог? 

Прашањето се чини бесмислено, ама не е бесмислено. Оти, да речеме, што е всушност, од универзална перспектива гледано, вербата во Бог? Како да го вреднуваме исказот за верувањето и неверувањето? И дали воопшто таков исказ би имало било каква смисла? Веруваат ли оние кои велат дека веруваат, или прашањето на верата е малку подлабоко, или можеби прашањето на верата е надвор од зборовите?

Мене, од денешна перспектива, тој машки дивјак што Шекеринска ја влечеше за коса, како и тој машки дивјак што му ја раскапа главата на Заев, убеден сум дека во Бог не веруваат. И дека во Бог не веруваат сите оние луѓе кои ги натераа оние жени од балкон да се симнуваат. Од друга страна, мојот проблем со Црквата, со секоја Црква имено е, онаа која, ми се чини, ја застапува и вредува раката која најчесто ја влече жената за коса, отколку онаа страна која е изложена на насилство. Тоа, со Бог, се разбира, нема никаква врска, ама има врска со Божјите овоземни институции. 

Се присеќавам утрото, откако фала му на Бога се’ добро се заврши и немаше жртви, тројца постари мажи во локалното кафуле ги коментираа случувањата во Собранието. Многу повеќе ми се допадна тоа што тие тројца луѓе го збороуваат, отколку што ми се допадна како известуваат телевизиите за „Крвавиот четврток“. 

Го велам ова сега, иако не верувам во демагогијата на оние кои ја проповедаат исправноста и честитоста на „малиот човек“. Јок, не верувам во такви работи. 

Надвор денес времето е грозно, облачно и студено. Подобро нека надвор е така, отколку да биде сончев ден во кој ќе летаат крвави глави на сите страни, а жените за коси ќе бидат влечени и удирани од земја. Нека надвор биде грозно довека, само нека не биде ништо слично како тој проклет и срамен вовед во Аушвиц на 27-ми април 2017. година.

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.