24. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Трајчулески до Мицкоски: Дали се разводнува истрагата за Кочани за да се заштитат актуелни функционери?

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, кое се однесуваше на страшната трагедија во Кочани, која однесе 62 млади животи и над 100 повредени и за која се води селективна истрагата и се штитат актуелни функционери.

Во продолжение интегрален текст од прашањето:

Почитуван премиере, измина повеќе од еден месец од страшната трагедија во Кочани, која однесе 62 млади животи и над 100 повредени. Доволен временски период да можеме да ги сублимираме првите заклучоци.

После повеќе од еден месец можеме јасно да заклучиме дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, дека не постои чувство на морална одговорност и затоа денес немаме ниту една оставка од морални причини. Ова е поразително за една влада после несреќа од вакви размери и со толкав број на изгубени човечки животи. Но за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема.

Вториот заклучок е водење на селективна истрага која во суштина треба да ги заштити сегашните носители на високи позиции во министерството за внатрешни работи, државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност.

Целокупното водење на истрагата само ја потврдуваат тезата за контаминираност на истрагата и обид со разводнување на истата да се прикрие директната одговорност на оние кои требало да превенираат и да спречат. Ширењето на истрагата со децении наназад е само обид да се задоволи јавноста за сметка на откривањето на директните виновници за пожарот во дискотеката.

Неуспешен ќе биде обидот да се префрли целосната вина единствено на лица кои се индиректно врзани за последицата и кои биле носители на одредени функции пред повеќе од 10 години, а во исто време да не се повикаат на одговорност оние кои направиле сериозни пропусти во моментот на случување на несреќата.

И тука уште еднаш ќе потсетам на сериозните пропусти кои ги има направено министерството за внатрешни работи во делот на обезбедување на настанот, имено МВР е директно одговорно за контрола на процесот на употреба и давање дозвола за користење на пиротехника во затворен простор што е директна причина за пожарот, МВР не подготвило официјален план за обезбедување на настанот, МВР не направило процена на ризик, МВР не презеле никакви активности за прекин на настанот иако утврдиле присуство на малолетници, употреба на пиротехника и тоа во клуб за кој биле должни да знаат дека не поседува валидна лиценца.

И наместо насочување на истрагата на директните виновници ние гледаме правно политички акробации кои се насочени кон задоволување на јавноста но не и на правдата.

Почитуван премиере, најмалку што должи оваа држава на семејствата на починатите, на повредените и нивните семејства е правда. Правда која ќе ги опфати и индиректните одговорни лица, но пред сè директно одговорните. Правда водена од словото на законот, а не од политиката.

Моето прашање за вас е дали свесното и тенденциозно разводнување на истрагата е со цел да се попречи правдата и да се заштитат актуелни функционери кои се директно виновни за непосредните причини за пожарот и страшните последици од истиот кои однесоа 62 млади животи?