Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Русија е подготвена да стави крај на војната, додавајќи: „Мораме да се договориме со Зеленски“.
Трамп оваа изјава ја даде од Овалната соба за време на потпишувањето на извршните наредби. Набргу потоа, тој покажа поголем оптимизам, велејќи: „Мислам дека имаме договор со двете страни“, додавајќи: „Се надевам дека ќе го направат тоа“.
Запрашан од новинарите за можна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, прва по судирот на двајцата лидери за време на бурната средба во Белата куќа, Трамп рече дека се уште не знае дали тоа ќе се случи. Двајцата претседатели ќе присуствуваат на погребот на папата Франциско во сабота во Рим.
Трамп најави и дека наскоро може да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, по планираната посета на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати. На прашањето дали средбата ќе се одржи во Саудиска Арабија, тој одговори: „Можно е, но веројатно не. Мислам дека ќе се сретнеме наскоро потоа“.
Саудиска Арабија моментално е домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина за можен прекин на огнот.
Патувањето на Трамп на Блискиот Исток, планирано за 13-16 мај, ќе биде негово второ патување во странство овој мандат, по викендот во Рим каде што ќе присуствува на погребот на папата./Извор:Makfax