18. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Жими сите директорски Петриња на овој свет            

Пред неколку дена се крена димна бомба низ македонската политичка чаршија околу назначувањето на Петар Богојески, „лидерот“ на „Македонски концепт“, па, веќе кога сум тука, верувам дека нема да ми земете за зло да кажам неколку зборови за Петре-војвода и неговата нова директорска функција.

Имено, докторот Петар Богојески (сте приметиле како денес сите лицитираат во ланецот на прехрана, така што пред своите имиња и презимиња ги ставаат своите „образовни титули“, веројатно за да се стресеме од нивната длабокоумна политичка памет?) назначен е за директор на нешто кое се нарекува „Агенција за Европски Образовни политики“. 

И’ што е твојот проблем со Петар Б., о, ти, црни Ненаде? Лично, немам никаков проблем; неговите дојдоа на власт, луѓето гласаа вакви персони да ги водат институциите. Е, сега, зошто е тоа така и зошто луѓето гласаа за личности како Петре-војвода, ќе се обидам да објаснам во редовите кои следат. 

Прво, Петре-војвода за да стане директор потребно е нешто кое се нарекува „политичка одлука“ (политиката го ставa, политиката ќе вади); во македонската политичка пракса ова е Meritum на работите. Врескањето е ништо друго освен најобичен политички дрил, нешто кое се нарекува „бркање на политички поени“. Море, црни Ненаде, ама ти како да го браниш Петрета-војвода, ти како да оправдуваш шовинисти и антиалбански „реторичари“ да дојдат на така силна Владина Агенција? 

Јок, море, погрешно сте разбрале. 

Македонските гласачи гласаа за таква реторика, не јас, јас гласав за Пендаровски и СДСМ. Епа, добро, каде ја заебавме работата, некој ќе праша. Ја заебавте во втората „логичка“ претпоставка за која ќе стане збор во речениците кои следат. 

Пред да се обидам да објаснам зошто извесниот Петар Б. е директор, ќе ви кажам колку време Петре-војвода ме демнеше на мојот Фејсбук профил: јебем ли га, ако кажам половина година – малку е; ако речам цела една година – можеби многу е!? Немаше ден Петре да не’ фрла ментални срања на мојот Фејсбук профил од типот: „завалија еден“, или „ти си да те жали човек“, или „јака ти душа“, или „ела кај мене во ‘Македонски концепт’, јас ќе те рехабилитирам“, или „како можеш да ги поддржуваш комуњарите“ и слични ментални изживувања. Велам, не помина ден да не се разбудам без Петрета-војвода

Напнуваше кутар Петре Б. секоја ден на мојот профил. Едно време, во мојата „перверзна глава“ си помислив дека сака да ми изрази љубов, ама гледам дека е прилично несмасен; потоа си помислив дека ме кани на кафе за да развиеме романса? Нека се јави Петре ако тоа го имал на ум – бројот мој ќе го најде во „секоја“ поважна медиумска Редакција

Добро, доста беше заебанции, да се вратиме на многу поважни теми & феномени. 

Ваквите типови како Петре-војвода се ништо друго освен симптом на едно лудачко време. Не може мене Петар да ме рехабилитира; демек, што му беше целта – дојди кај мене во партија јас ќе те однесам кај главниот на „баци рака“? И што ќе правиме со неговиот Главен, ќе играме козарачко коло? Петар Богојески е слабоста на ова општество, драги мои. Затоа е директор. Утре нема да ме изненади ако стане и’ министер. 

П. Б. е слабост на институциите; П. Б. е слабост на една култура; П. Б. е слабост на една економија; П. Б. е слабост на една политичката култура; П. Б. во конечноста е слабост на македонските (десни?) гласачи. Некој те гласал со преку петстотини илјади гласови, и тоа не може да биде сила, ами слабост. Тоа е слабост на катастрофалната демократска традиција на оваа земја. Богојески е слабост на човечките карактери, ако така поубаво милувате. 

Вака необличена, раскантана, бескарактерна аномалија на едно општество – која на сцена екипира лудачки (псевдо)митологии – напросто бара типови како Петре-војвода за на крајот најверојатно да заврши во сељачка автократија.

Оваа позиција, рековме погоре, не е прашање дури ниту на „политичка моќ“, оваа позиција е аланфордовска професија од типот на „шеф на стамбена зграда“, приправник на станично ебалиште, директор на јавно ве-це и чувар на канти за ѓубре во кои изборните гласови се добиваат така што се дели зејтин и брашно, а ако се’ уште беа во мода, ќе се делеа и опинци, било десни, било леви, било во пар. Чисто колку да се земе нешто, било што, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Некој ќе рече: ама Петар пцуе, има грозен и шовинистички речник. И нема да погреши. Ги мрази оние од ДУИ? Не ги мрази, тврд ви стојам! Едноставно ДУИ не се дел од доминантната политика на Мицкоски, а кутар Петре само ја следи политика на својот шеф како што следи секој еден подобен полтрон и послушник. 

Ја слушам попатно и’ министерката за Образование, вели нешто од типот: „на таа функција треба да се однесува надпартиски“; демек, си мисли министерката Јаневска дека Петре знае што е тоа „надпартиски“. Има вакви и други спинувања преку медиумските димни бомби колку ми сакате. Се’ се прави само за да се прикрие одвратниот вокабулар на Петре Б. 

Политичкиот живот, знаеме, таков е – грбав.

Ниту оваа категорија често не носи ништо „добро“, а тоа го гледаме од приложеното. Ама да се биде во политиката неорганизиран и грбав – тоа, пак, воопшто не носи ништо добро. 

На крај, сакам да и’ порачам нешто на денешната опозиција. Ако се спремни и организирани – посебно ако се организирани и спремни – да покажат што знаат и умеат на следните локални избори за да не мора да гледаме вака опскурни типови како Петар Б. да ни шефуваат со институции за кои појма немаат што со нив се прави, а уште помалку знаат која е нивната улога. 

Меѓутоа, да бидам веднаш јасен: не постои во политика „Добар“ – тоа е метафизичка, а не политичка категорија; a најдоброто нешто во политиката е, ако ја земеме претпоставката дека „доброто“ постои, политичката категорија која се нарекува „организиран“ и „ефикасен“. 

Ете ги за некој месец и локалните избори, тамо се одговорите на сите Петлиња на овој свет

А што се однесува до телефонскиот повик на Петре до мојата маленкост, сепак, ќе му сугерирам да го прескокнеме. 

Петре-војвода, новоназначен директот – место на државна стража во ланецот на прехрана – сепак, не е мој тип. Нека не си арчи телефонски импулси за моја „политичка рехабилитација“. А кафе може да се напиеме, само на пристојна дистанца. А ако планира да пцуе и плука додека испиваме кафе, за секој случај ќе земам влажни марамици.  

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.