Нов Зеланд нема да ги ревидира своите економски и фискални планови и покрај превирањата на глобалните финансиски пазари предизвикани од тарифните планови на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска министерката за финансии Никола Вилис.
Глобалната трговска војна, предизвикана од огромните царини на Трамп, дополнително ескалира вчера – откако тој се закани дека ќе ги зголеми царините за Кина, а Европската унија предложи свои контрацарини – бришејќи трилиони долари во вредност на берзите.
Трамп воведе еднострана царина од 10 отсто за Нов Зеланд, што е најниско ниво на неговите реципрочни царини за целиот увоз во САД. Нов Зеланд рече дека нема да возврати.
Иако трговските политики на Трамп претставуваат ризици, Вилис рече дека нејзината влада презела мерки за ефикасно да се движи во период на несигурност на глобалните финансиски пазари.
„Иако се непожелни, овие ефекти веројатно ќе бидат скромни во споредба со влијанието врз многу други земји“, им рече Вилис на новинарите.
„Имаме доволно отпорност да го издржиме ова и сме во среќна позиција во однос на другите што можеме да се држиме до нашата економска и фискална стратегија“, додаде таа.
САД се вториот најголем пазар во Нов Зеланд по Кина. Минатата година, оваа пацифичка земја испрати околу 12 отсто од својот вкупен извоз во САД, покажуваат официјалните податоци.
Стоките што Нов Зеланд најмногу ги извезува во САД, како што се млечните производи, месото и овошјето, се меѓу најтргуваните стоки во светот, што дава поголема предност за диверзификација на извозните пазари, рече Вилис./Извор:Makfax