1. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Канадскиот премиер: Објавените воени планови на САД докажуваат дека треба да се грижиме за себе

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека случајното протекување на доверливи воени планови од страна на високи американски функционери значи дека сојузничките нации мора сè повеќе „да се грижат за себе“ бидејќи довербата во некогаш блискиот сојузник слабее, пишува „Гардијан“.

Говорејќи еден ден откако беше откриено дека новинар случајно бил вклучен во групен разговор за воздушните напади врз јеменските бунтовници, Карни рече дека оваа разузнавачка грешка е „сериозен, сериозен проблем и мора да се научат сите лекции“. Тој ја истакна важноста да се реагира на ваквите грешки и да се зајакнат безбедносните протоколи.

Канада е членка на мрежата за споделување разузнавачки информации Five Eyes, заедно со Австралија, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и САД. Протекувањето на доверливи информации може дополнително да ги оштети односите во оваа група додека се проценува сериозноста на американската администрација во управувањето со доверливите информации.

Откритието доаѓа во време кога Канада се соочува со брзо влошување на односите со САД, нивниот најголем трговски партнер и најблизок воен сојузник.

„Моја одговорност е да планирам најлоши сценарија, да размислувам за најтешките еволуции на новата средина за закана, што значи тоа за Канада и како најдобро да се заштити Канада“, рече Карни за време на кампањата вчера. Премиерот во недела распиша предвремени избори.

„Дел од тој одговор е да станеме се повеќе канадски во нашите одбранбени способности и одлуки… Мораме да се грижиме за себе“.

На прашањето за инцидентот, министерот за вооружени сили на Велика Британија, Лук Полард, пред комисијата за одбрана на Долниот дом изјави дека ниту еден британски воен персонал не е загрозен како резултат на истекувањето. Тој додаде дека оперативните безбедносни мерки со сојузниците на САД остануваат недопрени, пишува „Гардијан“.

Портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер го истакна придонесот на ОК во заедничките воени операции со Американците, но одби да ги критикува клучните американски претставници вклучени во инцидентот. Портпаролот, исто така, нагласи дека ОК останува подготвена да сподели разузнавачки информации со САД и покрај протекувањето./Извор:Makfax