1. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Следуваат средби со управителите и претседатели на куќни совети за подигнување на безбедноста на повисоко ниво

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител, изрази сочувство на семејствата на починатите лица во Кочани и посака брзо опоравување на повредените. Во оваа прилика истакна дека системот го правиме сите ние и сите заедно сме учесници во неговото функционирање. Сепак потенцираше дека државата има закони кои можеби не се идеални и треба да се подобруваат, но мора да се почитуваат.

„Инспекциски надзори се прават постојано на објектите во Општина Центар и од тоа што се гледа на терен е дека не доволно се почитуваат и следат законите, почнувајќи од несовесно паркирање до несовесна грижа во станбените единици. Токму затоа следните денови ќе бидат повикани управителите на станбените единици и претседатели на куќни совети со кои ќе разговараме за подигнување на безбедноста во станбените единици на што повисоко ниво“, рече Герасимовски.

Тој информираше дека на состанокот се разговарало и за отпочнување на редовни состаноци со управителите на станбените единици и претседателите на куќните совети кои ќе добијат одредени препораки од страна на општините во делот на функционалност на хидрантите и поставување на ПП апарати.

„Ние го проширивме сето тоа поради тоа што како општина имаме и проблем со одредени фасади коишто се во лоша состојба, почитување во делот на ослободување на оние заеднички простории, скали за евакуација и слично. Еве го тој допис којшто веќе општината го доставува до станбените единици, ќе биде поставено во сите згради. Дополнително, ќе бидат повикани управителите да се поразговара со нив, за да ја подигнеме безбедноста во станбените единици на што повисоко ниво покрај законот и правилниците за издавање на одобрение за урбана опрема, како што кажав, огромен проблем е, и за истиот формирана е комисија“, потенцираше Герасимовски.

Герасимовски во Сител зборуваше и за зголемување на колективната свест за подобра животна средина, за подобар систем, за подобар начин на функционирање. Герасимовски појасни дека целото општество прстот го вперува во неколкумина занемарувајќи го фактот што општеството сме сите ние. На ЗЕЛС се разговарало и за вклучување на испекциски надзор во делот на урбаната опрема којашто се поставува пред угостителските објекти. Како што истакна, дадени биле доста предлози, како унифицирање на сите програми за урбаната опрема којашто е голем проблем, не само на територија на Општина Центар кадешто се наоѓаат најголем број угостителски објекти, туку на ниво на држава.

„Не може да важи еден правилник и програма за урбана опрема во Општина Центар, друг да издава Градот Скопје, трет да издаваат другите градски општини и градовите во државата. Тоа треба да се стандардизира, унифицира и да важи подеднакво за сите општини. Предложена е работна група во која ќе членуваат повеќе луѓе од повеќе општини за да дадат свој допринос да се направи стандардизиран правилник којшто ќе важи подеднакво за сите. Во моментот во тек се вонредни испекциски надзор, ќе прашат што сме чекале досега. Не сме чекале, ги имаме постојано, но од тоа што го гледаме на терен, не доволно ги почитуваме и следиме законите, за жал почнувајќи со несовесно паркирање во општината, продолжувајќи со несовесна грижа во станбените единици, говориме за хидранти, ПП апарати за заштита и почитување на законот за домување. Сите жители во една станбена единица сносат одговорност во делот на почитување на законот за домување, вклучувајќи ги и управителите коишто се обврзале да водат грижа за одредени станбени единици“, рече Герасимовски.