Ние овде немаме Томас Бернхард, а за волја на вистината го немаме ниту Черчил; нашите домети и димензии, во добро и зло, некако се провинциски и третолигашки; оттука ниту нашите „добри“ или „лоши“ луѓе, а богами ниту нашите генијалци, не ја поседуваат онаа – светла и темна страна – типична за протагонистите на „светската историја“, било да се работи за политика или култура (што можеби на исто му доаѓа или се работи за едно те исто?).
Овде животите ни се одвиваат околу тоа колку никој и ништо од народот крадел или местел тендери; дали во име на народот некој од власта нарачал папаја, авокадо, манго, мохито и останати „дражесни“ керефеки кои ги сакаат „младите“, а уште таквите да звучат фенси, модерно, да звучат „вегански“ и безхолестеролно.
Пред некоја ден осамна вест дека некој си играл со државните пари нарачувајќи скапи намирници. Премиерот на државата, како најповикан, вели, парафразирам по сеќавање: „јас не јадам банани, јас постам“, па продолжува, „ако некој нарачувал скапи намирници, јас ќе го проверам тоа“. Добро, шефе, немај гајле, уживај. Туку што правиме со минималната плата, ќе биде ли нешто, оти народата раја тешко живее или за овие работи нашиот премиер е ненадлежен?
Добро, да го оставиме за момент нашиот „испостен“ премиер, а ние да се вратиме на Томас Бернхард, тој феноменален австриски писател. Имено, Т. Б. e мојот учител. Супериорен стилиста со раскошен германски јазик. Во своите публицистички текстови во осумдесетите години од 20-от век на австриските власти им расплака мајка, ги нарекуваше дека се бахати, аздисани, неодговорни, дури им даваше уште и пожестоки епитети, а богами не беше милозилив ниту кон самите сонародници, австријци.
Што ми текна да се присетам на овие Бернхардови литерарни сцили и харибди? Да ви бидам искрен, ме натера македонската власт со нејзиното бахатење и лажење. А што ни зборуваше Томас Бернахрд? Нема потреба да одите во Австрија, доволно е само да погледнете околу себе, проникнете малку подлабоко во таблоидната „журналистика“, јасно ќе видите како работи нашата крими-сцена.
Потекнати сите од најниските социјални слоеви и скоро секогаш со очајно образование – дури и до ниво на проблематична писменост – фамозните „подржавени витези“ (културно-ментални измамници и морални нихилисти!), локални гангстери и бараби од сите бои ги доживеаја своите пет минути за да дојдат на власт. Ете, дојдоа. И? Ене, гледајте ги: сега сакаат да бидат елита на наш трошок. Да се расфрлаат со тендери, скапи лимузини, луксузни пијалоци, ручеци и вечери. Дојдоа на власт за да бидат „елита“, бато!
Идеални role-модели на новокомпонирано мафиократско општество. И тие и таквите, ако добро гледате, одлично се вклопија во своите новопечени „јавни“ улоги, а со својата „слава“ сведочат не за себе, туку за едно општество кое е во фаза на опасна девијантност и општество кое таквите ги прогласи за „херои“.
И ова е вистински момент да му се вратиме на Бернхард. Ако тргнеме по трагите на неговите зборови, притоа „обогатени“ од досегашното искуство за овие наши „патриотски“ пробисвети, ќе дојдеме до заклучок дека секој криминалец во се’ освен во својот илегален занает е тотален социјален конформист и опортунист, типичен и пасивен производ на своето опкружување во својата епоха, безбоен everymen кој – јавно прашан за било што – папагалски ги повторува сите оние општи места за кои „оправдано“ верува дека доминираат во неговото животно опкружување.
Оттука сите тие расни криминалци за кои некогаш сте слушнале секогаш и без исклучок се „фамилијарни луѓе“, „примерни татковци и сопрузи“, „големи патриоти“, „искрени верници“, „патријахални и конзервативни домаќини“ кои малку се импулсивни и бахати, ама имаат „исконско чувство за правда“ и не поднесуваат многу некакви девијантни личности, секташи, педери, лезбејки, предавници…
Томас Бернхрад не’ учи дека сите кримоси се досадни како личности: ниту нешто мисли, ниту за нешто има што да кажат; културно-вредносно таквите се „табула раса“, тесто за месење, глина за обликување, лебозборци во служба на било која мејнстрим моќ во општеството, а тоа само по себе не е ништо лошо, веднаш да се разбереме.
Само што таквите луѓе кои немаат што да кажат, а ако им се случи власт и моќ (случајно или не), таквите, по својата „специјалност“ се најобични бандити, а не филозофи или книжевници. Притоа, таквите не се виновни што дојде некое такво време, па, ете – и’ нив некој ги прашува за „мислење“. Но, ако „кримосите“ како личности се досадни, тоа не значи дека тоа не отсликува некаков портерт за општеството.
Добро, ако ме прашате каква врска има ова со добриот и провокативен Томас Бернхард и неговите луцидни маниризми, може веднаш да престанете да се прашувате. Само слушнете ги денешните власти како зборуваат, погледајте го тој банален и дрвен јазик што се движи „од шупливо во празно“ и веднаш ќе ви стане јасно.
Или со други зборови, ако македноската политичка сцена ви е досадна, ако власта е бахата и злонамерна, немојте да се прашувате зошто е тоа така – така е затоа што тоа денес е социјално прифатливо, и дека таквото говорење ќе наиде на одобрувачки одек во голем дел од јавноста на која и’ се обраќа, а тоа е токму она „тивко мнозинство“ кое секогаш ги поддржува кобајаги „традиционалните вредности“, таа претежно сива маса која пасивно трпи или активно го поддржува секое зло кое се собрало во овие краеви и убаво исполегнало.
Ова, почитувани читатели, е уште една „бернхардовска“ потврда за оваа наша крими-субкултура која е се’ само не „бунтовничка“, напротив, секогаш следи покроно, конформистички и медиокритетски ги репродуцира доминантните матрици во општеството.
А центрите на општествена моќ (политичка, полициска, војна, економска…) на таквата сива маса извршува десант или „ревизија“, а подземјето само го следи „трендот“, весело размавтувајќи ја својата „дозвола за убиство“. Стариот и добар Бернхард би бил задоволен со ваквиот преврат. Ако беше жив, а по некоја случајност беше дел од македонското општество – ќе не’ расцепеше на милион парчиња како манго и папаја.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.