Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Британија протера двајца руски дипломати

Откако во понеделникот двајца британски функционери беа протерани од Русија, Обединетото Кралство им ја укина акредитацијата на руски дипломат и неговата сопруга и тие сега ќе мора да ја напуштат земјата, јавува Би-би-си.

Во последниот од серијата реципрочни потези, британското Министерство за надворешни работи соопшти дека презема „итна реципрочна акција“ откако Москва обвини британски дипломат и неговата сопруга за шпионажа.

Министерството за надворешни работи во соопштение ја обвини Русија дека ги фабрикува наводите „за да го оправда зголеменото вознемирување на британските дипломати“ и „активно се обидува да принуди затворање на британската амбасада во Москва“.

Рускиот амбасадор во Обединетото Кралство Андреј Келин вчера бил повикан кај висок претставник на Министерството за надворешни работи, се вели во соопштението.

Службеникот „јасно стави до знаење дека Обединетото Кралство нема да толерира заплашување на персоналот на британската амбасада и нивните семејства“ и дека поради тоа се одзема акредитацијата на рускиот дипломат и неговата сопруга. Акредитацијата е признавање на дипломатскиот статус од страна на владата.

Британското Министерство за надворешни работи ја обвини Москва дека спроведува „сè поагресивна и координирана кампања за вознемирување на британските дипломати“ и „ширење злонамерни и целосно неосновани наводи за нивната работа“ во текот на 12 месеци, јавува Би-Би-Си.

Во соопштението се вели дека Русија се обидува да ја принуди британската амбасада во Москва да се затвори и дека Русија „не се грижи за опасниот ескалирачки ефект од ова“.

Британската влада верува во „одржување дипломатски канали за комуникација“ со Русија, „и покрај екстремно тешките билатерални односи предизвикани од нелегалната инвазија на Русија на Украина и нејзината долготрајна кампања на непријателски дејствија против Обединетото Кралство“, се додава во соопштението./Извор:Makfax