28. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Дијалошки расправи за „просечниот“ Македонски сон

Колку се досадни оние амери со оној нивни добро познат „американски сон“: добро, американскиот сон секој си го дефинира како сака, ама во основа се се’ „врти“ околу човечката среќа. Е сега, што е тоа среќа, и таа пустата секој си ја дефинира како си сака. Потрага по среќа е сечие човечко право – хм, ама можеби и должност –  секој човекот на светот има право да се бори и си ја бара својата среќа. 

Признавам, ме „меле“ геополитичката пропаганда со американски предзнак. Признавам, малку ме плаши, а помалку ме прави и анксиозен (може тоа се двете лица од иста паричка?). Ама за брзо време ми поминуваат таквите стравови. Си велам на себе, „дај бе олади малку, човеку, не мава гром у коприва“; потоа си велам, „па што ако е Трамп, ионака речиси 80% од сите извршни наредби американските судови му ги оспорија“; потоа си велам, „а што ако на светот му биде катастрофа со Трамп“?; „па нека, на светот ионака му е сосема сеедно дали е Трамп или е некој клошар“. 

„А што ќе биде со тукашните луѓе, ќе бидат ли тие некогаш среќни“, си велам на себе. 

Е, тука би можеле малку да расправаме. Ама не за оние американските, туку за нас, македонските, а богами и оние од мулти-култи заедниците. Ајде вака да речеме во дадената констелација: што е за нас, можниот и претпоставен „македонски сон“? Ако тоа важи – а би требало да важи – тогаш важи и она „речи ми што те прави среќен, и ќе ти кажам кој си“; и што може од ова да се исчита?

Се разбира дека среќата е индивидуална работа, како што се индивидуални и патиштата до неа, како што е индивидуална и самата дефиниција. Соништата, браќа и сестри, не се колективистички рабоќе, како што не се национални или државни, а секој оној што се обидел да сонува, а така и си посонувал, направил некое зло, со намера или без, после тоа ионака е сосема сеедно, ако ме разбирате што сакам да ви кажам.

За да се сонува колективистички, а таквиот сон да го распостелеш на цела нација, тоа е големо зло, да простите, со намера или без; да се сонува колективистички, во еден калап, во еден модул, на таков сон не би сакал да припаѓам, ниту некогаш би сакал да припаѓам. А сепак, претставата за среќа како содржина на некој претпоставен сон, постои единствено како општествена конвенција, и тоа мора нешто да ни говори за нашето непосредно оппкружување.

Има некои луѓе на кои работа им е да тргуваат со среќата „на големо“, денес таквите ги нарекуваат life coach, a ние, за жал, го немаме тој луксуз. Овде нашиот сон е да преживееме, а после извесен број на години да паднеме в гроб. Овде отсекогаш се играле игрички на мали голчиња и секојдневни морални фолиранции (популарно наречени национални хистерии). 

Главната премија на овдешниот живот е апанажа, пратеничка плата, државно патување… Тоа за просечниот наш граѓанин значи да имаш многу пари, ма колку тоа чудно да и’ призвучи на некоја копенхашка собарица. 

Овде мора да направиме отсечна дистинкција: не е нагласокот на сумата, тука на „добивката“ која звучи многу подобро отколку што би можел да ни звучи оној отуѓен капиталистички збор „заработи“, во кој има нешто кое длабоко го навредува нашето чувствително македонско битие. Ама ниту ова не е клучно: кваката (22?) лежи во тоа дека не се работи за сума која може да ја „спискате“ наеднаш, без разлика за колкава сума станува зборо, туку се работи за сума која ќе „капе“ во не така големи, ама сигурни дози низ добар дел од вашиот живот, без разлика што ќе се работи за некаков „надоместок“, па додека трае – вози Мишко! Ете, може и да се пропиеш, може и да се раскоцкаш, а може и да се прокурваш – не е страшно, оброците од по илјада евра се тука и остануваат, втемелени како данок и смрт. Па ако – машала, тоа што не знаеш ништо да работиш, ако, нека – ако некогаш навистина и нешто си знаел да работиш?

Значи, да се вратиме на поентата: што е за нас среќа и добар живот во Македонскиот сон? Мене апанажата ми изгледа како една врста на терминална фаза на „самоуправен сон“: работам малку или ништо, на први во месецот дигам некоја паричка од банкомат, и така терам до крај. Во најдобар случај, до крајот на животот; крајот на Утопијата во полош случај. А потоа некако ќе се снајдам.

Значи оние кои го измислиле ваквиот „Македонски сон“ не се некои „дунстери“, туку луѓе кои предобро не познаваат. Нам не ни треба многу, ама ни треба стално. И немој за нешто многу да се замараме. Напорот, секирацијата и мислењето ни го расипуваат тенот и сонот. 

А оние, пак, на власт, тие „самовработени“ луѓе од нас, нивно е Царството небесно. Тие ионака се во сериозен бизнис: секојдневно ни продаваат хистерии, омрази и лудила. Од толку што ни е убаво, ова спознание нам не тера да бараме уште, уште, уште… Ако, пак, тежнееш да останеш на власт цела декада, а за тоа потребни ти се закани – секогаш ќе се најдат групи за притисок за мали пари – да ја тераат пашата во трло, a oткако ќе паднеш од власт, повторно апанажица, повторно ќе капне некоја парица, и така во круг. 

Па, мислам, има ли подобар и погенијален сон од овој нашиот, „македонски сон“? 

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.