22. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Нашите пари кај нив, а нивната инфлација кај нас

Ете, ги сменивме социјалдемократите, па, сега се прашувам дали оваа земја изгледа подемократски, побогато и помоќно од претходно? Дали е ова идиличното општество за кое сонувавме, дали е ова тоа општество за кое „нема да знаеме кој е претседател а кој премиер“? Дали денес вака изгледа таа досадна, просперитетна и богата земја како Норвешка или Данска? 

Ништо од сето тоа: ова е иста земја, само далеку посиромашна, апатична и депресивна. А би рекол и аполитична – а со самото тоа и антидемократска – тамо кајшто нема граѓански иницијативи, тамо кајшто нема добар и ведар дух за политика, тоа не може да биде „Норвешка“, некоја руска губернија во обид, можеби, ама Норвешка не може да биде ниту под разно. 

Ајде сега за момент да ги баталиме овие (психо)естетики и филозофирања, па од „висока политика“ се приземјиме на микро-социјална политика, односно да се задржиме на „малиот човек“, оној секојдневен, што живее брутална реалност во неизвесни околности. Е, тој човек, денес, откако се промени власта (и „режимот“!), дојде некоја друга власт и некој друг режим кој ни ветуваше дека Македонија ќе биде побогато и подобро место за живеење.

Признавам, слабо ја разбирам економијата, ама ми се чини дека на базично ново, би можел да поставам неколку „нормални“ и логични прашања. Затоа што сите многу добро знаеме: нашите пари се кај нив, а нашата инфлација е кај нас, буквално пред нашиот праг. А прагот наш е екстериторијален, барем додека не излеземе на улица, а тамо, на улица, може да бидеме секаде и никаде. 

Имено, што добивме со промената на власта? Барем до овој момент, не добивме ништо важно и значајно, напротив, добивме поскапа цена за струја, изгор храна којa што ја купуваме и конузумираме од трговските ланци: нема субвенции за струја, нема намалување на цените на основните потреби за прехрана… А да не’ говорам за некаков квалитетен живот или не-дај Боже некаков lifestyle. 

Се сиромаши по сите основи, а земјава дегенерира во апатија и депресија. Во сите развиени европски земји, тамо кајшто стандардот е далеку поголем од нашиот, произведувачите на храна од своите држави добиваат субвенции, па сосема логично е дека храната ќе биде поевтина за обичните и секојдневни европски граѓани. Од друга страна, секој што овде ќе дојде да тргува, ќе наплати „премија на ризик“. Не мора ништо лошо на трговецот да му се случи – ама може и’ да му се случи. А за сите тие проблеми, оваа власт не дава пет пари: непотизам, корупција, се полоша образованост на администрацијата и нејзиното самоволие е рак-рана на оваа земја.

Па, уште и се’ поголема инфлација, затоа што нема од каде да се исплаќаат поголеми пензии и плати. Ете, ние се’ ова го плаќаме за разлика од Европските држави кои јасно ги регулираат своите пазари. Со нашите минимални заработувачки на месечно ниво може само да се платат редовните режии, а потоа, ти, братко мил, оди истуркај го месецот со преостанатите депресивни 100 до 150 евра. 

Притоа, премиерот Мицкоски се служи со трик-аргументации за потрошувачките кошнички на граѓаните. Најблаго да се изразам – навредува, затоа што очигледно не разбира како се врши методологија на потрошувачката кошничка. 

Имено, методологијата е едноставна, и се мери на следниот начин: во потрошувачка кошничка се добра и услуги за три личности, а од друга страна е месечната заработувачка на една личност. И потоа, да речеме: како вие знаете дека во Македонија работи една личност од едно трочлено семејство и добива плата, да речеме, од просечни 40.000 денари? Или на пример, од каде владата знае дали работат двајца или тројца, па збирната цена од сите тројца изнесува некаде околу 2.000 евра месечен прилив. И што ќе правиме сега? Како ќе ја изработат таа нивна фамозна методологија?

И оттука, овој „смут“ или спин на премиерот прави конфузија во целото општество. Па уште треба да им аплаудираме на министерката за финансии кога го брифира премиерот дека минималната потрошувачка кошничка и минималната просечна заработувачка (да речеме од 40.000 денари) се неспоредливи концепти, па оттука и метологијата не им била јасна на господата функционери.

Прашањето е следно: од каде за нив толку многу пари за кирии, за скапи часовници, за скапи спонзорирања на Фејсбук, за скапи патувања… Не сме сите врзани на нивната партиска машинерија; во оваа земја не се сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, па, што, сега, таквите да прават – да поцркаат ли? Или можеби на тоа инсистираат. Можеби сакаат да ни кажат, ние се грижиме само за нашите, а вие другите слободно поцркајте. Тоа ли е идејата? Ако добро се сеќавам – а се сеќавам како слон – идејата беше „Македонија за сите луѓе“!? 

Исто така, еден важен сегмент на ова општество е дека брзо старее. Тоа значи дека најголемата целна група се пензионерите. Затоа и самата влада се обиде да ја зголеми старосната граница за влегување во пензија на 67. години (?), само за да може роботоспособното население да продолжи да работи и’ плаќа придонеси во пензискиот фонд. Тоа е цела нивна игра: ловиме гласови до следните локални избори, а потоа веројатно ќе видат што ќе прават со огромните расходи и финансиски дупки. Со инфлацијата генерално!

Тоа е цела нивна игра. Сите тие, а богами и сите ние заедно со нив, изгледаме како луѓе од некој бајковит цртан филм, а се плашам дека најслабите, оние обични, а тоа сме јас и ти, драг читателу, повеќе не можат ниту да ги гледаат, а богами ниту да ги слушаат. 

Другиот проблем е како се формираат цените во трговските ланци за храна, ако знаеме дека цената на горивата и цената на струјата расте. Знае ли некој која е набавната цена, а која е продажната цена на трговските ланци? Што вели на тоа Републичкиот завод за статистика?

Еве неколку примери: во 2020 година, едно литро Маслинов зејтин изнесуваше 3 долари, денес изнесува 6 долари. Ова е информација на Меѓународниот монетарен фонд. На овој пример јасно се гледа – не треба да бидете економски гениј – инфалцијата е цели 100%. Со увоз на овој производ се увезува и неговото поскапување. Па може сосема комотно да се праша и ова: колку и самата држава со некои инфалторни мерки ја зголемува директната инфлација?

Не се гледа ниту колку ќе расте акцизата за нафтените деривати, а со тоа, за колку ќе се зголеми инфалцијата. Оти за да се произведе роба – хипотетички речено (и’ да заборавиме дека оваа земја увезува се’, а сосема малку извезува) – потребна е струја која и таа поскапува, а за таа роба да се транспортира од производителот до потрошувачот, поточно за еден литар Маслинов зејтин да стигне на рафтовите во маркетите за прехрана, потребно е гориво. 

Кој во Македонија профитира од инфлацијата и аздисаноста за профит, можеби би можеле да разбереме ако евентуално Комисијата за заштита од конкуренција ја заврши својата секторска анализа. По правило, вакви сложени операции траат долго, ама ако се сака, во што се сомневам, ќе се види јасно кој го тропа тапанот, а кој дебело профитира и крка мрсно. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.