7. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Теофил Панчиќ (1965-2025): гигантот на Гутенбергова галаксија 

Заминувањето на мојот феноменален новински автор, Теофил Панчиќ, ќе го опишам на еден сосема поинаков начин. Поточно, ќе го имагинирам на, според мене, така личен, а така (не)својствен и „наш“ начин (што и да значи тоа „така наш“ и така „(не)својствен начин“). 

Смрт бр. 1.

Стануваш наутро, миеш заби и одработуваш физиолошки потреби, тураш кафе на ‘рерна да се вари, седнуваш на стол, си мислиш, еве уште еден сосема обичен ден како и секој друг, го отвараш facking Фејсбук, а тамо: „умре Теофил Панчиќ“. Гледам со очите лево-десно, молчам, повторно се sверам на веста. И повторно молчам. 

Отварам српски онлајн портали, гледам, исто – мојот свет што го конзумирав од 2005. година наваму – умре. „Пичку матер“, велам во себе и станав да шетам околу дневната соба, вратам кругови, а можеби добив и акатизија (не ми е прв пат!), особено тогаш кога сум силно вознемирен од некоја надворешност која ме погодила. 

Чекај, си велам, Теофил нема ни 60. години, тоа не е возраст на која се умира. Го објавив на Фејсбук, скршен и потиштен. По некое време влегува мојата драга дома, плаче, „Ненад, Каја умре, сега доаѓам од ветеринарен доктор“. Уште еден шок. Ја гушнав, а таа плаче. „Матер да ви ебам на сите, ебете ме ако вие сте нормални“, промрморев и отидов да се облечам. Зедов копач, кучето лежи мртво во багажник, мојата драга вози, плаче, а ја се sверам напред, се стискам во себе и не пуштам глас. Молчам. 

Отидовме на еден планински рид за да го закопаме нашето француско милениче со кое спиевме 13. години во ист кревет; моето дете порасна со тоа куче, беше рамноправен член на нашето мало семејство. Каја умре од рак, а по се’ изгледа, од истата чума умре и мојот Теофил. Копам во земја, ‘ржам во себе и пцујам на сиот глас. Ми се плаче, ама не плачам: копам, копам, копам… 

Има ли Каја кебенце?“

Нема“, вели мојата драга и плаче. 

Како вечен зиморлија, на себе имав пижама и дуксерка, а имав и зимско палто. Најпрво ја соблеков јакната, потоа ја соблеков и дуксерката, отидовме до колата, го отворивме багажникот, ја облековме Каја со мојот дукс – за да и’ биде топло – така рече мојата драга, додека плаче и цвили, ја кренав в раце, не сакав да и’ ја гледам главата, не можев – немав храброст – права „пичкица во душа“; ја легнав во дупката која што ја ископав, а потоа ја затрпавме со земја. 

Што не плачеш, бездушнику“!?

Немам таков луксуз, невесто! Вози“. 

Ѓубре“, ми вели, дава контакт на клучот, стиска на гаста и се упатуваме за дома. По патот и’ двајцата молчиме. 

Смрт бр. 2.

Едно од општите места на балканската култура е таа која ни вели дека не умеат да ги почитуваат своите најдобри претставници за време на својот продуктивен и активен живот. Во овдешната културњачка бавча вообичаена работа е цветовите да се корнат, кршат и газат на сите возможни начини; кога од таквото силно мавање конечно ќе овенат, потоа почнуваат грижливо да ги поливаат!

Ниту Теофил Панчиќ (1965-2025) не успеа да го избегне овој домашен балкански обичај. За време на својот живот беше и маргинализиран и мејнстримизиран, беше замолчуван, а еднаш богами и претепан. Од денес натаму, што значи после смртта, ќе го заземе заслуженото место во српската и бившојугословенската журналистика и литература која уште одамна му припаѓа. Не е никаква новост ако речеме дека овде егзистира култура на успорени рефлекси: треба време да се разбере кој беше Теофил Панчиќ и каков пораз претставува неговата смрт. 

Случајот „Панчиќ“ многу помно ни покажува колку е неблагодарно да се биде медиумски работник, интелектуалец кој не’ делува од академско-кабинетската дебела сенка, туку на бурното поприште на општественото и културно секојдневие. Во опкружување кое е фрустрирано не само од менталитетот, туку и поради силната кастрација на медиумите, така што само ретки успеваат да истраат, не изневерувајќи го својот писателски занает. Писатели како Теофил Панчиќ, Игор Мандиќ, Тирнаниќ итн., никогаш не беа „политички новинари“ а секогаш претставуваа сомнителни, па дури и прогонувани од семоќната Политика. 

Во авторитарно општество, се разбира, важи глупавата максима „Се’ е политика“. Затоа духот на слободата и креативноста бара некои маргинални места, „во ќошиња и никому на пат“, тамо кај што на керберите најмалку ќе им влегуваат в очи. Така беше и за Теофил: еден од моите најомилени новински писатели почнува да пишува на разни теми: рецензија за книги, филмови, серии, фељтонистика, субкултура и останати маргиналии („маргинално“ овде не е вредносен суд!).

Овој првиот знае и за најголемите осуетувања од кои може да извлече некоја корист: за добар писател нема добри и лоши теми, за се’ може да се пишува добро ако се може. 

Баналноста лежи во писателот, а не во темата, велеше сјајниот Т. Панчиќ.

Влијанието на Теофил Панчиќ од денес натаму ќе биде уште поголемо, за жал или за среќа? Панчиќ ги надмина сите новински жанрови, ги преврте на глава, стана единствен колумниста на овие простори. Принципот на лажна објективност не доаѓаше во предвид, така што работеше на „отворено навивање“ или насочување, а јазичната информираност и својата неверојатна елоквенција и, што е уште поважно, новинарството не го третираше како професија, туку како нешто кое љуби да го прави, а уште за тоа ако земе и пари, нема поголема среќа од тоа. 

Теофил Панчиќ не умееше да плива, да си ги врзува врвците на патиките или чевлите, немаше возачка дозвола и диплома за завршено „високо образование“. Имаше и други луѓе со завршени факултети, ама никој не умееше да стане „Теофил Панчиќ“. И каде се сите тие луѓе со силни дипломи: каде се нивните книги, колумни, есеи… каде се нивните трудови?

Се’ што Теофил направи како автентичен писателски професионалец, неговиот прерано згаснат живот е, без разлика што патетично ќе звучи, токму онаа цена која ја плаќаат сите професионалци кои делуваат во идеократско, правоверно и дилетантско опкружување. 

Знам уште една работа за Теофил Панчиќ: го симпатизираше Зоран Заев, дури и во неколку колумни отворено го бранеше, а нашата сјајна писателка Румена Бужаровска ја обожаваше. Се зборуваше по кулоари – ако Теофил те признае, знај, нешто вредно во себе носиш.  

Ако, на пример, македонската култура тоа не знае да го цени, тешко ќе може Теофил тука да и’ помогне. Не на личноста, на културата во целина.

Збогум, драг Теофиле! И на самиот крај, знај го и ова: Каја не е некое размазано кученце, сака само да се гали, сака да јаде и по малку да дремуцка. Нема да ти смета, верувај, додека ти читаш и пишуваш во некој подобар и поубав свет. Чувајте се и уживајте двајцата, и знајте – искрено и од срце ве сакаме. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.