Севернокорејските војници кои им се придружија на руските сојузници во борбите со украинските сили се повлечени од првите линии на фронтот откако претрпеа големи загуби, соопштија украинските и американските власти, пишува Њујорк тајмс.
Севернокорејските трупи, кои беа испратени да ги засилат руските сили кои се обидуваат да ја одбијат украинската офанзива во границите на Русија, не се видени на бојното поле околу две недели, изјавија официјални лица, барајќи анонимност поради чувствителноста на воените и разузнавачките информации.
Пристигнувањето на околу 11.000 севернокорејски војници во Русија во ноември предизвика загриженост во Украина и меѓу нејзините западни сојузници, кои стравуваа дека нивното распоредување може да значи значителна ескалација во речиси тригодишната војна.
Но, за само три месеци севернокорејските трупи се намалени за половина, изјави генералот Олександр Сирски, врховен воен командант на Украина.
Украинските војници кои се бореле против Севернокорејците ги опишаа како жестоки борци, но недостатокот на организација во нивните редови и лошата координација со руските трупи брзо ги зголемија нивните загуби, изјави украински официјален претставник.
Според украинските официјални податоци и извештаите на војниците на бојното поле, откако пристигнале на бојното поле, севернокорејските војници биле оставени сами на себе, напредувајќи со малку оклопни возила и ретко застанувале да се прегрупираат или да се повлечат./Извор:Makfax