Центарот за развој на Скопскиот плански регион е првиот македонскиот партнер кој учествува во спроведувањето на ЕУ проект кофинансиран во рамки на програмата Интеррег ИПА Адрион, посветен на дигиталната трансформација и нејзино усогласување во целиот овој регион преку креирање на заедничка рамка за локален дигитален модел. Овој проект, кој е насловен „ПАДРИОН“, има за цел да ја зајакне иновативноста во јавните администрации преку соработка на партнери од 7 земји од Јадранско-јонскиот регион: Албанија, Хрватска, Грција, Италија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Носител на 36-месечните проектни активности е организацијата „Лепида“ од Болоња, Италија.
ПАДРИОН (Соочување на јавната администрација со процесот на дигитална трансформација како заедница од областа АДРИОН) се фокусира на развивање алатки како што се локални дигитални агенди и тематски заедници, креирање на модел кој може да се реплицира, пилотирање на приспособени решенија и доставување заеднички акционен план со насоки за долгорочна одржливост. Овој пристап има за цел да ги направи дигиталните услуги подостапни, инклузивни и усогласени со реалните потреби на локалните заедници, истовремено поттикнувајќи ја соработката меѓу институциите, граѓаните и бизнисите.
Проектот, кој има за цел да придонесе кон дигиталната трансформација во Јадранско-Јонскиот регион, минатион месец веќе го одржа својот конститутивен состанок во Болоња. На состанокот беше презентирана регионалната дигитална стратегија на регионот Емилија Ромања, а партнерите ги дефинираа првичните чекори за имплементација на проектот, вклучувајќи го работниот план и организационите и финансиските аспекти на проектот.
Во следниот период, се очекува интензивно развивање на моделот за спроведливи дигитални решенија на локално ниво „ПАДРИОН“, а од Центарот за развој на Скопскиот плански регион најавиваат вклучување на претставници од граѓанскиот и приватниот сектор кои заедно со дел од општините и надлежните владини министерства за локална самоуправа и дигитална трансформација ќе работат на успешна реализација на проектните активности во земјава.