Можеби такво време дојде, а можеби таков е духот на овие времиња, така што секоја работа која има „јавен“ предзнак припаѓа на некоја врста на Public relations, или простодушно наречено „пиарчење“.
А оние луѓе кои такви работи работат, што значи „пиарчат“, знаат дека нештото мора да се „продаде“, поточно – субјектот во јавноста како натрапник „мора“ да умее да се натури себе како неопходен продукт, да ја продаде вредноста на својата „памет“, за својот допринос на општиот (јавен?) интерес.
Aко ги продлабочиме овие дефиници од погоре, би требало да сфатиме дека политиката како професија не е исклучена од овие појави (& феномени); во неа (читај, политиката!) има една компонента која на ова место ќе ја наречеме Product placement и компонента која станува алфа и омега на се’.
Добро, сфаќам, до некоја мера тоа е неизбежно, ама тоа не значи дека немаме право на приговор. А имаме право на едно многу важно потсетување: product placement би требало да дојде на ред дури тогаш кога најпрво ќе го освоите (или станете) самиот продукт, кога ќе тргнете во акција на „продавање“ на нешто кое е суштински опипливо, видливо, прогресивно и вистинито.
Сега може да се осврнеме на сосема поинаков, радикален пристап, коплетно поинаков од погоре опишаното: имате и „телешоп“ во политиката, поточно во нејзинaта „употребна“ вредност. Што е тоа „телешоп“? Тоа е несупстанцијална политика која се потпира на онаа прастара максима: „Еве ти ништо и држи го добро“. Попристојно од ова би можеле да го наречеме: демагогија, популизам, продавање/сеење на магла.
Од некоја луда причина – чудни се менталните патишта – за време на овие Новогодишни и Божиќни празници, помно го набљудував премиерот Мицкоски, за на крајот да добијам неверојатна констатација: овој човек едноставно ужива да комуницира со јавноста или, како што милува да каже – „со својот народ“ и „неговата татковина“. Таквото комуницирање, мора да си признаам, прилично е спонтано и лично. Тоа негово „лично“ нам ни кажува дека не препушта ништо на своите соработници и служби, а него тука да го нема.
Добро, познавајќи го квалитетот на неговото опкружување, прилично ми е јасно зошто тоа го прави, и на тоа не треба да се чудиме, затоа што никој присебен не би си дозволил таквите да му бидат преносители или тумачи на неговите мудри идеи & мисли.
Нема-нема, па ќе ни се појави, на секои два-три часа во денот, а само што помислувате дека малку ќе здивнете. Преку подкасти, фејсбуци, твитери, мамутски интервјуа, уште што не почнал да пишува „стратешки“ авторски текстови? О, не, само тоа не! Само немој да почне да ни пишува колумни. Има и за тоа време, верувам. Се’ за татковината, нели?
Јас мислам дека треба еднаш во месецот да има четири часовни интервјуа. Мора оваа нација убаво да разбере за што овде станува збор. А за тоа, ми се чини, сосема доволно би било четири часовно интервју еднаш во месецот, или два пати, или три пати… Убаво сите ние да го обновиме градивото. Да знаеме што сакаме и што треба да правиме, да не се тумачиме и себе и’ другите беспотребно. Башка, нашиот премиер е професор, а нам наука ни треба како лебче. Во многу наврати сме докажале колку многу ја сакаме науката, посебно кога ќе ги слушнеме неговите партијаши како читаат партиски соопштенија додека мрдаат со усни. Веднаш се гледа што е квалитет. Или кога ќе ги слушнеш, брате мили, се гледа веднаш што значи да си вистински „квалитет“ и „расно“ прониклив.
Ама, лесно ќе се справиме со мојот цинизам. Што, меѓутоа, ќе правиме со премиерските безбројни и (пара)емотивни солилуквиуми (читај, монолози!) со кои на сите страни ни фрла (при)тужби и се жали на катастрофалните околности на кои е изложен, стално не потсетува на некакви злобни луѓе дома, во оваа земја, а богами ни кажува и дека странците го потсопнуваат, како и тоа дека сите ние сме недорснати да го следиме неговото темпо, на ова или она…
Па дури и’ да сме толку надреално белеволентни што не ги шишаме Мицковите прашања и потпрашања, а во суштина на кого на крајот на краиштата му е гајле?
Имено, што претставува одговорна и успешна политика ако не вадење секојдневно на општеството од разни дубиози, и тоа во нималку поволни околности и сестрани опструкции? Ако беше поинаку, секој ќе беше политичар.
За волја на вистината, во Северна Македонија „секој“ е политичар, ама мислев на успешни политичари, да не речам баш – државници. Значи, суштинскиот проблем на Мицкоски и натаму останува прашање на содржина. Можеше, и успеа, некако да излезе од анонимност, па се направи доволно (и)релевантен (друга приказна е тоа како и зошто до тоа дојде), а во тоа му помага секојдневното дерење (или пиарчење) против „комуњарските (или плавите?) измамници“ кои ја водеа Северна Македонија.
Меѓутоа, кога се устоличи на тронот, неговите „опозициони“ политики повеќе не важат, и вистински никого не треба да го интересираат. А пречестото тужење, самосожалување, базично и фундаментално е наменето за опозициона реторика, нешто кое е сосема непродуктивно од позиција на власт, значи, за оној кој има пари, ресурси, механизми, на крајот и должности да носи одлуки и’ презема одговорности.
Не заради него, се разбира, туку заради сите нас. Оти, како ќе ја „лиши“ С. Македонија со своите толку драгоцени намери и планови – ако не некоја конкретна корист за сите нас? И затоа, очекуваме уште емотивни, сожалувачки и самооплакувачки настапи намачкани со „дискретни“ самофалби и класични подјебавања на сметка на ретките критичари, оти, нели, ако не беа тие – критичарите! – еве, денес-утре, на сите ќе ни биде подобро, „само да ни надојдат добрите околности“.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.