15. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Не треба да се бега од поразените

Додека го пишував претходниот текст, немав никаква претстава во мојата свест дека за неколку часа од тој момент ќе се случи пекол на сончевата Калифорнија, поточно пекол во градот на Ангелите. Благо е да речам дека сум тажен, всушност – треперам над страдањата на луѓето, без разлика каде се ноѓале на земјината топка.  

А за да го намалам треперењето од туѓите страдања, на белината на листот од хартија (што значи сам на цела непријателска територија), го запишувам следното: очигледно е дека човекот не владее со себе како рационално битие, и само хаосот и ентропијата е вистинска космичко-човечка авантура. А од друга страна, оние кои се здраворазумски и мислечки, ги остава без опција, а неретко и без здив. 

Пред да почнам со главното дејствие на денешната тема, ќе ми дозволите да направам мала дигресија. Како стареам, се’ помалку работи ми сметаат. А за стареењето, инаку, може да ви кажам се’ најдобро – затоа што разбирам колку малку работи човекот може да контролира, колку е малку она на кое човек може да влијае. Да продлабочам уште малку: верувам дека верувањето во човечката моќ е ништо друго освен материјал на кој се гради жанрот комедија и(ли) трагедија. Сеедно, нема тука некоја голема разлика. Бернхард, мојот учител, кој сега, сигурен сум, ќе ме исмее ако беше жив, тврди дека трагедијата треба да се пишува како комедија. Или со други зборови: како ме доживува јавноста, никогаш не ме интересирало. Уште помалку ме интересира што за мене мисли добриот Господ-Бог, на чиј суд, многу јасно, секој ден сум се’ поблиску.

На овие тажни и мрачни мисли ме поттикнува стравот и немоќта над ужасот што се случи во Лос Ангелес. Седам, се sверам во телефонот и гледам како огнената стихија пустоши се’ пред себе. 

Застрашувачка стихија од ветар и застрашувачки пожар зафати повеќе делови на Лос Ангелес така што се приближи до средиштето на американската филмска индустрија – Холивуд. Пожарите кои обликуваа половична месечина помеѓу Санта Моника и Малибу на западниот дел од градот, и огништа кои ја зафатија Пасадена – источниот дел на градот – изгледаа како огромна вжештена клешта. 

Повеќе од 100.000 илјади луѓе се евакуирани. Повеќе од 24 луѓе се мртви, а штетата изнесува во трилиони долари. Актерот Џејмс Вудс се присеќава како бегал од пламенот: „Еден ден пливате во базен, а другиот ден ви исчезнува се’“.

Илјадници жители бегаа од огнените стихии барајќи прибежиште во привремените засолништа. Фоад Фарид пронајде засолниште во теретана со ништо на себе освен телефонот во својата рака. 

Џеф Харис дојде со својата приколка за храна „Feisty Fish Poke“ и почна да дели оброци. „Тука сум да помогнам“, рече тој. 

Кевин Вилијам од центарот за евакуација во Пасадена вели како знаел дека треба да бега кога видел дека резервоарите и стовариштата со гориво во соседните куќи почнале да експлодираат поради жештината. 

„Ветрот се засили, пламенот беше висок десетина метри и можеше да се слушне ‘поп поп поп’. Звучеше како воена зона.“

Потоа, видов фотографија, додека се’ гори околу него, човек со рацете фатен за глава стои вкопан во место на среде уличка.

Кога се’ околу него гори, човекот стои – сам.

Потоа, следни мисли ми надојдоа во една поинаква, наша компарација. Успеав да ги запомнам така што веднаш ги запишав за да не ги заборавам. Таквата фотографија илустрира не се’, ами илустрира многу што погрешно на оние луѓе кои се поразени. Секој човек мора да покаже солидарност со поразениот, а не обратно. Да се побегне од поразениот – тоа не е никаква вредност. Треба да се покаже емпатија и борбеност. Треба да се испрати порака на поразените за единство и одлучност.

Тоа, да речеме, би претставувало нов почеток за нешто ново.

Дали е возможно тоа луѓето да не го разбираат? Да се обидам да нацртам. Денес луѓето бегаат од поразените, слабите, особено бегаат од оние кои се поразени во било која животна форма.

Поплавите кои го погодија Балканот требаше да ни послужат како предупредување. Предупредување пред некоја година беше и корона вирусот Ковид-19. Треба да разбереме и’ тоа во која мера приватизацијата ќе донесе ако, ете, хипотетички речеме, го приватизираме здравството, железниците, образованието, енергетиката, на пример. И ако претходно разбереме колкава е импотенцијата на државата ако се’ живо се приватизира? 

Меѓу ретките и трезвени умови беа, и тоа како, Кант и Лајбниц. Кант, за својот живот, изнесе бласфемичен исказ дека потресите на земјата не се природни појави, а само за да ја докаже оваа дефиниција употреби еден експеримент. Се што ви е потребно за мал потрес е дваесет килограми сулфур, иста количина на железо, а потоа се’ заедно измешајте го со вода и ставете го под земја. 

На крајот, и во конечноста, таа негова теорија се покажа погрешна, тоа кратко и малечко четиво на Кант претставува почеток на научната географија во Германија, па дури и почеток на сеизмологијата. Лајбниц отиде чекор понапред и потврди дека „Калигула или Нерон произведоа повеќе зло од еден природен потрес“.

И денес, метафорички да речеме, треба на Бога да му го вратиме божјето, а природните катастрофи на она кое има врска со природните катастрофи. Овие две дефиниции би можеле да ни бидат добра „подлошка“ на нова емпатија и нова солидарност – и би требало да ги запомниме тезите на Кант и Лајбниц. 

Од една страна, со Кантовиот експеримент лесно може да се докаже дека секој насип може да попушти ако некој не се грижи доволно добро за заедницата или ако државата намалува пари за одбрана од елементарни непогоди: поплави, пожари и останати (не)природни катастрофи. 

Од друга страна, парафаразирајќи го Лајбниц: ова е момент во кој слободно ќе кажеме дека транзициските муљатори на Балканот му направија поголема штета од било која природна катастрофа последните триесетина години. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.