28. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Додека слушамe музика и бескрајно сме тажни, романтично замислуваме подобар свет во Новата година

Додека слушамe музика и бескрајно сме тажни, романтично замислуваме подобар свет во Новата година

 

 „Што правиш“?

 „Еве, читам“. 

 „Како можеш да читаш? Боли тоа“.

 

Имам едно кебе. Долго е три метри. Имам и тераса, не е голема, ама може на мира човек да се завитка и’ чита, може да се завитка и кога надвор е свежo и ладничко. Имам и соба, онаа која ја нарекуваме „работна соба“. Тивко е, таков мир нема да најдете никаде: заклучи се во соба и читај.

Во моето детство тоа беше секојдневна пракса. Само што тогаш не сакав книги, сакав стрипови. Поради стриповите најмногу се нервираше мојата баба, бидејќи ги расфрлав во ве-цето на машината за перење на алишта, ги расфрлав на нивната спална соба додека се излежував кога тие не беа дома, ги расфрлав во дневната и кујната. „Стрипови за ве-це“ може да биде работен наслов. Дури може да биде и феноменално име за стрип-библиотека. Во неа може да има место за проза и поезија, ама и филозофија. 

Кога пораснав, кога влегов (по)сериозно во читање на важни книги, се вљубив во кратката форма. На пример, eден модерен Грк со име Кавафи, тој, пак, на почеток ми беше совршен за во ве-це. И Боргес не беше лош за во ве-це. Од филозофите – Бенџамин и Витгенштајн. Оние лудачки Бенџаминови истриско-филозофски тези сум ги прочитал најмалку илјада пати. Тие тези, да простите, најдобро ги паметам кога сум во ве-це. А богами и било каде на друго место. Витгенштајн, пак, го сакам поради неговите „Скриени дневници“. 

Денес луѓето не’ читаат. Или тоа е уште една моја голема предрасуда? Или можеби читаат исто како што се читаше и пред 100 години? Додека, пак, се возат во јавен превоз, луѓето наденуваат слушалки на ушите и ги уклучуваат своите паметни телефони. Истото го правам и јас. На луѓето кабли им излегуваат од ушите; и мене ми излегуваат, признавам. Особено тогаш додека се возам на точак. Да се возите на точак на кој ви излегуваат кабли од ушите претставува опсцено искуство. Веројатно опсцено искуство е и кога се возите во авион или метро; да речеме ако се возите во париското или лондонското метро. 

Тоа е навистина опсцено: како порно во 3-Д. Имам другар што живее во Њујорк: „подземната железница е вистинско порно – нецензурирани погледи на градот“, така вели мојот другар. 

За денешниот човек, слушалките со кабли на ушите е последниот вид на изолација. Слушалките на уши е последната цигла на изолација. Додека се движиме низ градот, возиме точак или патуваме во метро, ги избегнуваме погледите на минувачите, затоа што ги доживуваме како инвазија на приватноста. Настојуваме да гледаме што помалку, а тоа што го гледаме не е наша грижа – ја почитуваме туѓата приватност. Слушалките во ушите се тука за да престанеме да ги слушаме другите луѓе. Оти другите, да не се лажеме – претставуваат метеж. Слушалките во ушите се кондом, навлака која спасува, работа која ја ставаме на себе за да не се заразиме oд светот. 

Кога си замина Стив Џобс, цивилизацијата/човештвото го испрати како најголемиот син на сите времиња; тој човек не само што беше толку многу генијален, туку тој човек засекогаш го промени светот со својата технологија; попатно ни „подари“ и „добро срце“ со кое може да уживаме во благодетите на неговиот изум: Ipad и Iphone

Навистина импресивно. Ама не до толку. Мене Ipad-от ми користи исклучиво за уживање во музиката, отколку како машина, која ќе не’ заштити од звуците на другите луѓе кои може да не’ вознемират. Од паметен телефон користам SamsungIphone не поднесувам. 

Музиката е онаа врста на уживање кое ќе не’ зачува на патот додека одиме од училиште до дома; музиката на уши е место за лифтови, па додека се качувате низ спратови, патувањето ви се чини пријатно. Музиката е најдобрата форма на уметност затоа што бара најмало внимание. 

Читањето обратно: читањето го бара целото наше Битие. Нема поголема тиранија од читање на книги. Книгите го бараат секој атом од вашиот дух, а музика не – музиката го бара нашето најмало внимание. Само да ја зајакнам претходната теза за болката од читање на книги. 

Пред неколку години ми се јави еден мој драг пријател:

Што правиш“?

Еве, читам“. 

Како можеш да читаш, море? Боли тоа“.

И беше во право. Читањето боли, читањето е тиранија на духот и сетилата, притоа бара и огромна концентрација. Не може да се каже дека некој е читател, ако уште на втората страница падне во длабок сон. Тоа може да се нарече и’ дислексија, ама читател не може да се нарече.

„Во моето кралство“, како што и’ вели Црвената Кралица на Алиса во Земјата на чудата, „мора да трчаш најбрзо што можеш само за да останеш во исто место“. Никој што стои во место не може да постигне успех, без разлика на неговите физички способности. 

Сакам да кажам: ако од нешто вистински се ужаснувам тоа е природата. Некои нешта се менуваат бргу, но тие се вгнездени во други нешта што се менуваат побавно (музиката честопати го поддржува ова). Лисјата се менуваат побргу од дрвјата, а дрвјата побргу од шумите. Времето се менува побргу од климата. 

Романтичното поимање дека во природата е спасот, ми се чини дека е погрешно. Оние кои се урбани и богати, оние кои од сите страни се опколени со бетон и асфалт, си ја замислуваат природната средина како нешто кое е чисто и рајско, како еден вид на француска импресионистичка слика. 

Екоактивистите имаат уште поидеална слика за природата: тие ја замислуваат како совршенство кое е во хармонична рамнотежа, без нарушување и пустошење на човештвото. За жал, не е така. 

Дел од природната средина се елефантијаза и гвинејски црви, ковид кој „благодарение“ на љиљаците стана масовна светска пандемија, маларичните комарци, сушите кои предизвикуваат масовен глад, сидата и црната чума. 

Оттука ние градиме градови и системи за превоз, одгледуваме храна и произведуваме струја, се’ правиме само за да ги заштитиме нашите деца. Ако не беше решена Мајката Природа да не’ уништи, и нам можеби ќе ни беше полесно да живееме во едноставна хармонија со нејзините правила. 

Со слушалки во уши седам на тераса, а надвор е пет часот наутро. 

Гледам во темнината, пијам турско кафе во чаша за млеко, пушам цигара и мислам за сите оние луѓе од париските и лондонските метроа; мислам на сите оние луѓе од њујоркшките паркови, швајцарските банки, римските трговски центри, јапонските или аргентинските улици кои токму ова утро, со своите кабли во ушите ќе нагрнат да се движат и патуваат во своите мали животи од една точка до друга, па, во некоја смисла, ќе го прават истото што го правам и јас сега.

Ќе пијат одвратно кафе, ќе пушат цигара и ќе слушаат музика на своите слушалки, обидувајќи се да се скријат од звуците на светот што ги опкружува.  

Не знам кој рече, а можеби не е ниту важно повеќе: да се слуша музика, значи да се биде бескрајно тажен. 

Да се биде бескрајно тажен додека се слуша музика, би можело да значи и’ романтично очекување на нова доверба, солидарност и емпатија помеѓу луѓето. Би можело, поточно – би морало да значи и тоа: исчекување на еден подобар свет за сите нас во Новата 2025 година.  

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.