27. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Андоновски: Во нашата визија нема простор за корумпирана држава, за тоа повеќе нема ниту време, ниту пари, а најмалку луѓе за трошење

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на Конференцијата „Партнерството помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските организации во борбата против корупцијата”, организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Транспаренси Интернешнл – Македонија. На настанот, министерот Андоновски ги истакна клучните напори на Владата во борбата против корупцијата и важноста на дигитализацијата како ефикасен инструмент за подобрување на транспарентноста и отчетноста на институциите.

„Нашиот пат кон дигиталната трансформација е јасен и не се откажуваме од него. Како министерство, остануваме посветени на создавање на поефикасни и поодговорни институции. Без одлагање, мораме да продолжиме да работиме во правец на почитување на принципите на владеење на правото, транспарентноста, и борбата против корупцијата”, истакна министерот Андоновски.

Тој посочи дека во визијата на Владата нема простор за корумпирана држава, нагласувајќи дека за тоа повеќе нема ниту време, ниту пари, а најмалку луѓе за трошење.

Министерот објасни дека дигиталната трансформација има ефект во два значајни дела – превенција и комуникација на институциите. Преку иницијативата Смарт МК, досега се додадени над 80 нови електронски услуги на националниот портал, при што е забележан импресивен раст од 152% во нивното користење од страна на граѓаните.

„Имаме потенцијал заедно да создадеме нова култура на дигитална транспарентност, култура која не само што ќе го намали просторот за корупција, туку и ќе ја зголеми довербата во институциите. За да ги постигнеме овие цели, мора да продолжиме да инвестираме во дигиталната инфраструктура и во образованието на граѓаните”, нагласи Андоновски.

Министерот додаде дека со водењето на процесите дигитално се гарантира транспарентност преку електронски потпис, електронски документи со поголема точност и побрз пристап до услуги. Кога сите процеси се автоматизирани и дигитализирани, шансите за манипулации и злоупотреби значително се намалуваат, што води кон поодговорно и потранспарентно општество.

Настанот се одржа во рамките на Светскиот ден за борба против корупцијата и беше во целосна согласност со заложбите на министерството за дигитална трансформација да се создаде отворен и одговорен систем кој ќе ја намали можноста за корупција преку дигитализација и транспарентност.

Во рамките на настанот се разгледаа и можностите за подобрување на соработката помеѓу бизнис секторот, институциите и граѓанските организации, со цел поголема ефективност во борбата против корупцијата.

фото МДТ